2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАУспешно се одржа втората научна конференција “НАУКА ЗА ДЕЦА”

Успешно се одржа втората научна конференција “НАУКА ЗА ДЕЦА”

Во организација на Фондацијата „Кантарот“, под мотото „Пуштете ја вашата научна фантазија“, во сабота, на 7 октомври, во прекрасна атмосфера се одржа втората научна конференција „НАУКА ЗА ДЕЦА“. Конференцијата се одржа во Меѓународното училиште НОВА, а нејзината цел беше популаризација на науката кај најмладите.

Главниот дел од програмата на конференцијата го сочинуваа предавања и работилници водени од проф. д-р Никола Стиков и д-р Тања Павлеска. Преку нив децата на интересен начин се запознаа со многу научни концепти, при што оваа година акцентот е на оптичките илузии и магичниот свет на веројатностите. Работилниците беа целосно интерактивни, а љубопитните деца можеа да добијат одговори на своите прашања директно од научниците.

Во рамки на конференцијата бише организирана и изложба на детски цртежи, кои беа избрани како финалисти на конкурсот „Научна фантазија“. Воедно, беа прогласени и наградени победниците – Ана Илова во категоријата до 8 години, Миа Несторова во категоријата 9 години и постари, како и Јаков Грујовски во категоријата дигитални цртежи.

На конференцијата им беа врачени и признанија на наставниците кои изминатата година се истакнаа во работата со децата и ја поттикнуваа нивната љубопитност и љубов кон науката – Валентина Степановска Андонова, Рајна Милисавова и Крунослав Прошев.

Оваа година, Фондација „КАНТАРОТ“ и проф. д-р Венка Симовска (Универзитет Архус во Данска) ја основаа наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“. По одлуката на стручното жири од научници, беа прогласени финалистите Деа Ивановска, Теа Ангелова, Зоран Илијоски, Јаков Грујовски, а за добитничка на главната награда „Иван Ќостаров“ во вредност од 30.000 денари, беше прогласена Мила Порјазоска.

Популаризацијата на науката меѓу децата е една од главните цели на Фондација „КАНТАРОТ“, а освен конференцијата, фондацијата работи и на креирање на едукативни, интерактивни видеа и експерименти кои децата можат да ги гледаат на веб страната https://naukazadeca.mk/.

Директорката на Фондација „КАНТАРОТ“, Драгана Стикова, додава: „Со цело срце и душа работевме на Втората конференција „НАУКА ЗА ДЕЦА“ и навистина беше прекрасно да се посведочи љубопитноста и отвореноста на децата кон светот на науката. Ова ни дава огромна мотивација и сила да продолжиме со нашата работа и веќе од сега да сонуваме како следната конференција ќе ја направиме уште поголема и поинтересна“.

Конференцијата „НАУКА ЗА ДЕЦА“ е финансирана со crowdfunding модел, т.е. со микро-донации од самата научна заедница и од јавноста. Комуникациски партнер на конференцијата е Групацијата Публицис, а домаќин на истата беше Меѓународното училиште НОВА.

Дизајнот за наградата „Иван Ќостаров“ го изработи Небојша Гелевски – Бане Кома, а конференцијата ја поддржаа и издавачката куќа Три, Глеј ТВ, Чудна Шума и Полица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП