9 декември, 2024
ПочетнаСВЕТНобеловата награда за економија и припадна на Клаудија Голдин

Нобеловата награда за економија и припадна на Клаудија Голдин

Нобеловата награда за економски науки за 2023 година и беше доделена на американката Клаудија Голдин.

Кралската шведска академија на науките одлучи да ја додели наградата за економски науки Sveriges Riksbank за 2023 година на Голдин за „обезбедување подлабоко разбирање на факторите кои влијаат на можностите на жените на пазарот на трудот и колку нивната работа е барана“.

„Фактот дека изборот на жените честопати и останува ограничен со бракот и грижата за домаќинството и семејството е во срцето на нејзините анализи и објаснувачки модели. Студиите на Голдин, исто така, нè научија дека за промената е потребно време, бидејќи изборите што влијаат на целата кариера се засноваат на очекувањата кои подоцна може да се покажат како лажни. Нејзините сознанија се протегаат многу подалеку од САД, а слични обрасци се забележани во многу други земји. Нејзиното истражување ни дава подобро разбирање на пазарот на труд вчера, денес и утре“, се наведува на Твитер профилот на Нобелова награда.

Голдин е само третата жена што ја добила Нобеловата награда за економија.

Таа е родена на 14 мај 1946 година во Њујорк, а предава економија на Харвард. Таа е ангажирана во широко поле на истражување, вклучувајќи ја женската работна сила, родовиот јаз во платите, нееднаквоста во приходите, технолошките промени, образованието и имиграцијата.

Минатата година, Нобеловата награда за економија им припадна на поранешниот гувернер на Федералните резерви на САД, Бен Бернанке и двајцата економисти, Даглас Дајмонд и Филип Дибвиг, за нивната работа во раните 1980-ти кои обезбедија основа за модерно разбирање зошто се потребни банки, нивните слаби точки и како колапсот на банките може да предизвика финансиски крах.

Наградата за економија не е една од оригиналните Нобелови награди, но е основана и финансирана од Централната банка на Шведска од 1968 година.

Првата награда за економија беше доделена наредната година, а меѓу претходните добитници има и мноштво влијателни мислители и академици како Фридрих Аугуст фон Хајек, Милтон Фридман и, неодамна, американскиот економист Пол Кругман.

Годинешните лауреати добиваат по 11 милиони шведски круни (околу 993.000 долари), или 90.000 долари повеќе од претходните години.

Секој од нив добива диплома во форма на уникатно уметничко дело.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП