4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСудбината на обложувалниците зависи од „ВАР“ одлуката на Владата

Судбината на обложувалниците зависи од „ВАР“ одлуката на Владата

Во последните неколку години речиси на секои шест месеци власта и компаниите од оваа дејност имаат различни ставови и планови во која насока треба да се развива оваа индустрија. Сега, спортските обложувалници обвинуваат дека Владата подготвува терен за влез на странска компанија која на граѓаните ќе им овозможи онлајн уплати, а домашните компании таа опција ја чекаат речиси една деценија. Од Владата уверуваат дека ништо не работат позади грбот на домашните фирми, но од Асоцијацијата на обложувалници на Македонија велат дека доколку тоа се случи и повторно бидат изиграни без работа може да останат илјадници вработени од нивните компании.

Денар побара став од Владата, која е причината што речиси 10 години спортските обложувалници чекаат дозвола за онлајн обложување.

Само за напомена дека во екот на пандемијата, владата им дозволи на обложувалниците да воведат уплата преку Интернет како мерка која ќе го намали ризикот од заразување во обложувалниците, но и како можност тие да продолжат со работа. По надминување на здравстваната криза, таа услуга Владата повторно им ја укина, без образложение, велат од спортските обложувалници.

Од Владата на ова прашање ни одговорија дека приредување интернет игрите на среќа, во Македонија, како и во сите други земји со функционална пазарна економија е прашање на законодавната политика на Државата, која одлучува за начинот на приредување на овие видови игри на среќа.

„Приредувањето на интернет игрите на среќа е исклучиво право на Република Северна Македонија, коешто согласно позитивната законска регулатива го остварува преку Државна лотарија, тргнувајќи од специфичната дејност којашто, како таква, допира социолошки аспекти од јавен интерес, и согласно што неопходно се наметнува потребата да бидат преземени сите потребни мерки и активности за одговорно играње и контрола, но и заштита на сите учесници во интернет игрите на среќа. Остварувањето на законската регулатива за приредување на интернет игрите на среќа од страна на Државна лотарија, самостојно или со други приредувачи, е начин на регулирање на заштитата и сигурноста на учесниците во интернет игрите на среќа и спречување на негативните влијанија коишто може да се јават кај учесниците во овие видови игри на среќа“, велат од Владата.

Ставовите пак на Асоцијацијата на спортски обложувалници се дека нема да учествуваат во како што велат наместен тендер за избор на компанија која ќе има можност да воведе онлајн обложување, само за да се оствари незаконскиот план на Владата. Сметаат дека Владата повторно сака да ги манипулира, и додаваат дека овој пат тоа нема да им успее. Бараат властите веднаш да се откажат од формирање на три друштва кои ќе имаат можност да приредуваат интернет обложување. Во спротивно претставниците на спортските обложувалници од земјава најавуваат радикални протести.

„Во објавата на Државна лотарија на Македонија беше информирано дека тендерската документација по јавниот повик за избор на правни лица за доделување на договор за приредување на интернет игри на среќа подигнале повеќе од десеттина компании од кои половината се друштва за приредување на игри на среќа со седиште во Република Македонија. Сето тоа го претставија како спроведување на транспарентна и законски издржана постапка, што всушност претставува класична манипулација. Тука сме да појасниме дека тендерската документација е подигната од страна на домашните компании со цел да се провери нејзината содржина. Подигнувањето на тендерската документација ги потврди нашите убедувања дека станува збор за наместен јавен повик за однапред договорени странски компании”, велат од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија.

Но од Владата пак, цврсто стојат до нивниот став дека доколку се случи либерализација на пазарот на игри на среќа тоа би можело да доведе до хаос во дејноста.

„Либерализацијата на правните субјекти за приредување на овие видови игри на среќа, по пат на лиценци, би довело до можност приредувачите на овие специфични игри на среќа да ги приредуваат истите без лимит во уплатата за учество во овие видови игри на среќа, а од друга страна ограничено слевање на приходите од овие игри на среќа директно во Буџетот на Република Северна Македонија, наспроти концептот Државна лотарија да може да ги приредува самостојно, или заедно со други приредувачи, при што без оглед на формата на здружување, Државна лотарија во нив има доминатно учество со 51% во управувањето и во капиталот. На овој начин, Дражавата ја презема контролата над оваа специфична дејност во игрите на среќа – интернет игрите на среќа, со цел заштита на граѓаните од неконтролирано играње на странски платформи, а воедно и да спречи да се одливаат средства во странство, наместо да се приходуваат директно во Буџетот на Република Северна Македонија“, додаваат од владата.

Според информациите кои пристигнаа во јавноста Владата се обидува да донесе бугарска компанија која е инаку и на црната листа на САД, а намерата е да стане партнер на државата во организирањето на интернет обложувањето. Ова се информации кои ги објави опозициската ВМРО ДПМНЕ. Ова според здружението ќе биде нов обид за нивно згаснување по најавите дека властите планираат обложувалниците да ги дислоцираат од градовите и населените места со оглед на тоа што намерата е објектите да бидат подалеку од образовни институции најмалку за 500 метри.

Инаку, од овој сектор приливот во државниот буџет на годишно ниво е околу 300 милиони евра, а во обложувалниците работат нешто повеќе од 10 илјади луѓе, а индирекно соработуваат со индустрии кои вработуваат нешто повеќе од 60 илјади вработени.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП