6 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАМи ставија нож под грло и ме тераа да возам – скопски...

Ми ставија нож под грло и ме тераа да возам – скопски таксисти раскажуваат страшни случки со клиенти

Секој ден, стотици луѓе во Скопје користат такси услуги за да стигнат безбедно и најбрзо до своите дестинации. Но, ретко кој помислува дека зад воланот на овие автомобили се кријат лични приказни зачинети со страв, насилство и ограбувања.

Затоа, Денар разговараше со тројца таксисти кои прифатија да нè „повозат“ низ својот свет на опасности и да ни ги раскажат најголемите стресови стекнати на работното место.

„Секогаш сум бил внимателен кого качувам во моето такси, но таа моја внимателност не секогаш ме спасувала од непријатности”, вели Бобан, 45-годишен таксист со 20-годишно работно искуство.

Тој раскажува дека пред неколку месеци качил тројца момчиња во Автокоманда кои му рекле да ги превезе до Ѓорче Петров.

„Изгледаа прилично нормално, не мислев дека имаат лоши намери”, вели таксистот.

Но, кога стигнале на саканата дестинација, момчињата излегле од возилото и побегнале без да платат.

„Излегов да ги фатам, но тие трчаа побрзо од мене. Останав без 600-700 денари и со голем стрес”, кажува Бобан.

Друг таксист, кој сакаше да остане анонимен, ни призна дека бил жртва на уште пострашно насилство.

Тој вели дека двајца насилници пред неколку години му ставиле нож под грлото и го терале да ги вози низ Скопје.

„Не знам што бараа од мене, можеби само сакаа да се забавуваат или да ме исплашат”, вели тој.

На крајот, тие му рекле да го запре автомобилот, му го украле клучот од автомобилот и побегнале.

„Многу бев уплашен. За среќа не ми направија ништо и не ми украдоа ниту денар, иако баш тој ден имав прилично голем промет кој го чував во десниот џеб на палтото. Но, не ми беше лесно додека ножот ми го допираше грлото. Дечките се симнаа од автомобилот, ми го извадија клучот од бравата и побегнаа. Веднаш повикав полиција и раскажав што ми се случило, а полицајците ми кажаа деа не сум бил првиот таксист кој се соочил со овие насилници”, кажува тој.

Третиот такстист, кој ни се претстави како Драган, кажува дека двајца мажи го ограбиле и му го украле целиот промет што го направил во текот на денот.

„Ме стопираа на улица на едно многу пусто место во скопската населба Нерези. Се претставија дека се полицајци во цивилна облека и ми рекоа дека сакаат да ме претресат мене и моето возило. Јас им одговорив дека не поседувам ништо недозволено, но тие ме извлекоа од автомобилот и ме претресоа. Откако ми го најдоа паричникот, тие го зедоа и ми рекоа дека со паричникот ќе си ја платам казната за нелегално таксирање. Јас им реков дека имам лиценца и дека работам за регистрирана компанија, но тие не ме слушаа. Се качија во своето возило и заминаа. На крајот излезе дека ме измамиле и дека воопшто не биле полицајци”, вели Драган.

Овие се само некои од случаите што ги доживеале скопските таксисти за време на својата долгогодишна работа.

Според нив, ова е сериозен проблем што ги загрозува животите и безбедноста на овие луѓе.

„Бараме од властите да ја зголемат контролата и да ги казнат оние што нè напаѓаат и нè ограбуваат. Ние сме храбри и посветени работници. Заслужуваме да работиме спокојно, бидејќи тоа ни е единствениот начин како да ги прехраниме нашите семејства – истакна нашиот соговорник.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП