28 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈААСОМ: Државна лотарија ја спинува јавноста, ниту една членка на АСОМ нема...

АСОМ: Државна лотарија ја спинува јавноста, ниту една членка на АСОМ нема да учествува на незаконскиот тендер

Aсоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), денеска пред Владата на РСМ одржа прес-конференција со цел транспарентно да се изјасни и да не дозволи Владата преку Државната лотарија на Македонија да ја спинува јавноста.

Асоцијацијата посочи дека во објавата на Државна лотарија на Македонија која неодамна беше пласирана во медиумите се информираше дека тендерска документација по Јавниот повик за избор на правни лица заради доделување договор за заедничко вложување во интернет игрите на среќа во коишто доминантно учество со 51 % ќе има Државна лотарија, подигнале повеќе од 10-ина компании, од коишто повеќе од половина се друштва за приредување игри на среќа основани и со седиште во РСМ. Тие нагласија дека сето тоа било претставено како спроведување на транспарентна и законски издржана постапка, што всушност претставува класична манипулација.

„Тука сме за да појасниме дека тендерската документација е подигната од страна на домашните компании, со цел да се провери содржината на истата, која воедно се потврди дека е идентична со Јавниот повик на Државната лотарија кој јасно ги дискриминира домашните лиценцирани компании. Подигнувањето на тендерската документација ги потврди нашите убедувања дека станува збор за наместен Јавен повик наменет за странски однапред договорени компании.“- истакна Васко Илијевски, претседател на АСОМ.

Стоејќи пред Владата од Асоцијацијата јавно потврдија дека ниту една членка на АСОМ, Асоцијација во која членуваат над 95 проценти од претставниците на приредувачите на игри на среќа во обложувалница во земјава нема да учествува на незаконскиот однапред договорен тендер.

„Скандалозно е тоа што државата од една страна не дискриминира и не ни дозволува да приредуваме интернет игри на среќа според постоечкиот Закон за игри на среќа, потоа како услов во јавен оглас бара да сме имаме искуство во тоа, за потоа да објави дека сме ја подигнале тендерската документација за незаконски јавен повик кој од самиот почеток го оспорувме.“- потенцираше Илијевски.

АСОМ уште еднаш јавно го повтори својот став дека владината одлука за отпочнување на постапка за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа е незаконска и дискриминирачка за домашните лиценцирани компании и ги истакна своите барања.

„Без исклучок бараме: да се донесат подзаконските акти кои цела деценија се држат во фиока за домашните компании согласно актуелниот закон да може да приредуваат игри на среќа и реално да се либерализира пазарот, да се поништи незаконската владина одлука која претставува сериозна закана за домашните лиценцирани приредувачи на игри на среќа и итно да се вклучат сите засегнати страни во креирање на сите следни одлуки поврзани со индустријата.“- порачаа од АСОМ.

Асоцијацијата информираше дека поседува информација дека на Комисијата за европски прашања во Собранието насила ќе се обиде да се истурка новиот предлог Закон за игри на среќа, кој значи крај на легалната индустрија на игри на среќа, што во никој случај нема да го дозволи.

„Нема да стоиме мирно и да гледаме како Владата врши упад во бизнисот со игрите на среќа свесно ставајќи клуч на врата на една легална индустрија, која во буџетот годишно носи прилив од 280 милиони евра и вработува над 10.000 лица.“- истакнаа од АСОМ.

Од Асоцијацијата порачаа дека доколку Владата остане глува на нивните апели подготвени се да излезат на масовни протести и да се борат за своите права и егзистенција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП