4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако да ја намалите потрошувачката за греење за дури 50 проценти?

Како да ја намалите потрошувачката за греење за дури 50 проценти?

Со пристигнувањето на студените денови, многу луѓе се прашуваат како да ги загреат своите домови, а воедно да ги намалат трошоците за греење.

Едно од најефикасните решенија е да се инвестира во квалитетна изолација на фасадата и на покривот на куќата или станот, советуваат експертите.

Изолацијата, велат тие, не само што ќе ја задржи топлината во домот, туку и ќе ја зголеми вредноста на имотот, а значително ќе ви ги намали и сметките за струја.

Според експертите, изолацијата на фасадата и покривот може да ја намали потрошувачката за греење дури до 50%.

Ова значи дека инвестицијата може да се врати во рок од неколку години, а потоа ќе ви штеди значителна сума на пари и енергија. Изолацијата исто така ќе го подобри и изгледот на домот и ќе го заштити од надворешни влијанија.

Многу граѓани кои веќе ги изолирале своите домови потврдуваат дека разликата е огромна.

„Откако поставивме изолација на фасадата и на покривот, не само што ја чувствуваме разликата во топлината, туку и трошиме многу помалку пари за греење. Претходно, ги вклучувавме печките да греат преку целиот ден, а сега само неколку часа. Изолацијата нè спаси од студените зими и од скапите сметки”, изјави Звонко Камов, кој живее во куќа во Скопје.

Во 2022 година, 9,3 отсто од населението на ЕУ изјавило дека не може да го загрее домот соодветно. Во споредба со 2021 година, ова учество е зголемено за 2,4 процентни поени.

Ситуацијата варира низ државите на ЕУ. Најголем дел од луѓето кои не можат да го загреат домот се регистрирани во Бугарија (22,5 отсто), Кипар (19,2 отсто), Грција (18,7 отсто), Литванија и Португалија (и двете по 17,5 отсто), Шпанија (17,1 отсто) и Романија ( 15,2 отсто).

Македонија не е членка на Европската Унија и затоа не е дел од статистиката, но експертите проценуваат дека состојбата кај нас е слична како таа кај источните соседи, а тоа значи – едни од најлошите во Европа.

Спротивно на тоа, Финска со (1,4 отсто), Луксембург (2,1 отсто), Словенија (2,6 отсто), Австрија (2,7 отсто), Чешка (2,9 отсто), Шведска (3,3 отсто) и Естонија (3,4 отсто) забележаа најниски удели.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП