4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустријата и натаму во слободен пад!

Индустријата и натаму во слободен пад!

Производството во индустриските капацитети продолжува да испорачува негативни резултати, од друга страна на годишно ниво растат цените на индустриските производи а во фабриките главната мака и натаму е недостатокот на работен кадар. Ова се главните поенти кои може да се извлечат од извештаите кои ги објави Државниот завод за статистика, а кои се однесуваат на индустријата во Македонија.

За нешто повеќе од пет отсто е намалено индустриското производство во август годинава во споредба со истиот месец лани. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека овој негативен резулатат на индустријата се должи на намалувањето на производството во секторот Рударство и вадење камен и тоа за 8,5 отсто, намалување во производството има и во Преработувачката индустрија што претставува сериозен проблем на домашната економија.

„Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на мебел“, се наведува во извештајот на ДЗС.

Во однос на главните индустриски групи индустриското производство во август годинава во однос на август 2022 година забележува рас единствено кај Енергијата и тоа за само 1,1 отсто. Од друга страна статистичарите пресметале пад на производството кај Интермедијарни производи за 5,5 отсто, Капиталните производи се намалени за 7,7 отсто, Трајните производи за шисока потрошувачка пад за огромни 26 отсто како и кај Нетрајни производи за широка потрошувачка намалување за 2,8 отсто.

Во однос на цените по кои се продавале индустриските производи, извештајот на Државниот завод за статистика покажува дека во анализираниот период индустриските производи поскапеле за нешто над два отсто.

„Во август 2023, во споредба со јули 2023 година, продажните цени напроизводителите на индустриски производи се пониски во групите Интермедијарни производи, освен енергија за 0.5 % и Нетрајни производи за 0.8 %. Во август 2023, во споредба со август 2022 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се пониски во групите Енергија за 11.6 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 8.6 % и Капитални производи за 5.2 %.“ се наведува во извештајот на ДЗС.

Што се однесува до работниците, податоците на статистичарите покажуваат дека само за еден отсто е зголемен бројот на вработени во фабриките. Освен производство, секторот рударство се соочува и со намалување на работниот кадар, односно за една година бројот на вработени во рударските комбинати е помал за близу два отсто. Помалку вработени има и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас и климатизација за безмалку шест отсто. Во преработувачката индустрија во август годинава има за 1,9 отсто повеќе вработени од август лани. Градежната сезона ги оправда очекувањата во однос на бројот на работници, па во реализацијата на Капиталните проекти има зголемување за 13,5 отсто.

Ваквите скромни податоци во однос на остварувањето на македонската индустрија според познавачите се резултат на намалената активност на бизнис секторот. Стопанството е претпазливо поради опасноста од нов шок кој е можен поради енергетската криза која лани го зафати светот. Па затоа има и резервираност од страна на бизнисот за нови инвестиции во година која е полна со ризици и предизвици. Ваквите тенденции веќе на хартија дадоа потврда со тоа што економскиот раст во првата половина од годинава е зголемен за само 1,1 отсто.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП