4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДенеска почнува амандманската расправа за ребалансот на буџетот, опозицијата поднесе 14 амандмани

Денеска почнува амандманската расправа за ребалансот на буџетот, опозицијата поднесе 14 амандмани

Од денеска почнува амандманската расправа во собранието за Ребалансот на буџетот. Опозицијата, односно ВМРО ДПМНЕ има поднесено 14 амандмани, а пак владеачката СДСМ шест амандмани.

Доколку се оди според планот предлогот за распределба на средства од буџетските корисници, расправата ќе се пресели на гласање во вторник на пленарна седница. Главната причина за овој ребаланс е обезбедување на средства за најавеното зголемување на платите на администрацијата и за повисоките пензии на пензионерите. Опозицијата веќе најави дека нема да го поддржи овој ребаланс на буџетот.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ преку амандманска расправа во собрението предлага институциите да ги реализираат капиталните проекти за кои државата има обезбедено финансиски средства од меѓународни кредитори преку договори за заеми, особено имајќи во предвид дека државата на неискористените средства плаќа високи износи на камата.

„Проекти кои треба да се реализираат согласно предвидената динамика со Буџетот за 2023 година се: Финансиска поддршка на општините, Управување со отпад. Унапредување на животната средина, олеснување на трговијата и транспортот, Водоснабдување и одведување на отпадни води, Инвестиции во железничката инфраструктура, Модернизација на земјоделството, Програма за наводнување, Изградна на училишни спортски сали во основни училишта, Енергетски ефикасна рехабилитација на студентски домови и Изградба на Клинички центар- Штип.“ се наведува во Амандманот

Опозиционерите предлагаат да се намалат приходите во Буџетот по основ на наплата на данок на додадена вредност. Нивниот став е дека во услови на висока инфлација која негативно се одразува на животниот стандард на граѓаните потребно е да се намали стапката на ддв на основните прехрамбени производи од 5% на 0% до крајот на 2023 година. Останатите предлози кои се испратени во собранието во вид на амандмани се однесуваат за изградба на и реконструкција на училишта, спортски терени и игралишта за деца, како и болници, здравствени домови, но и натаму не отстапуваат од идеата годинава да започне изградбата на нов Клинички центар во Скопје и Штип. ВМРО ДПМНЕ има поднесено и амандмани за реконструкција и изградба на студенски домови, потоа изградба на објекти за социјална заштита и домови за стари лица.

За опозицијата е нејасно како е можно да се кратат средства од зелен развој, а таа е програма што ја воведе оваа Влада и секоја година стои во Буџетот, но при секој Ребаланс парите се пренаменуваат, а зелениот развој останува само флоскула на власта, велат од ВМРО ДПМНЕ.

„ВМРО – ДПМНЕ нема да поддржи ваква Одлука за прераспределба која под превезот на поголеми плати за јавниот сектор значи повеќе пари за тендери во четири очи, криминал и корупција во период кога власта ги одбројува последните денови. Без капитални инвестиции, нема развој. Не постои извештај од меѓународна економска организација која ни воочува дека продуктивноста ни е ниска, а покачувањето на платите вештачко што доведува до покачување на цените, а со тоа и се повеќе граѓани запаѓаат во сиромаштија или имаат влошен животен стандард.“ велат од ВМРО ДПМНЕ

Власта според информациите ќе предложи шест амандмани.

Со ребалансот 300 милиони евра, пари кои беа наменети за капитални проекти се предвидува да се пренасочат за да се исплатат повисоки плати во јавниот сектор како и пензии, субвенции и антикризни мерки.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП