30 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПрофитот на „H&M“ ги импресионираше инвеститорите

Профитот на „H&M“ ги импресионираше инвеститорите

Модната компанија „H&M“ објави пораст на кварталните профитни маржи во средата, зголемувајќи го оптимизмот во однос на напорите за реструктуирање. Сепак, трговецот на мало го обвини невообичаено топлото време на многу европски пазари за забавување во есенската шопинг сезона.

„H&M“, чиј најголем ривал е сопственикот на „Zara“, „Inditex“, рече дека продажбата во септември ќе се намали за 10 отсто на годишно ниво по локалниот девизен курс. За споредба, „Inditex“ објави 14% зголемување на продажбата помеѓу 1-ви август и 11-ти септември.

„Ако вкупната продажба на вашиот конкурент е зголемена за 14% во истиот временски период, мислам дека тоа ви кажува нешто“, рече Вера Диел, портфолио менаџер во „Union Investment“, која има акции во „H&M“ и „Inditex“.

Сепак, акциите на „H&M“ пораснаа за повеќе од 5% во почетокот на тргувањето, бидејќи профитот за периодот јуни-август се зголеми. Компанијата, исто така, ја задржа целта да ја зголеми својата оперативна маржа до 10% следната година, велејќи дека нејзината програма за намалување на трошоците продолжува „со полна брзина“.

Маржата на „H&M“ достигна 8% во третиот квартал, во однос на 2% една година порано. Трговецот на мало рече дека дава приоритет на профитабилноста и залихите пред продажбата. Целта од 10% е „предизвикувачки, но остварлив“, вели аналитичарот на „Barclays“, Николас Шамп.

Оперативната добивка на шведската групација во третиот квартал се зголеми на 4,74 милијарди круни (431 милион долари) од 902 милиони круни една година порано. Аналитичарите анкетирани од „LSEG“ очекуваа профит од 4,72 милијарди круни во просек.

Минатогодишните бројки вклучуваа еднократен трошок од 2,1 милијарди круни поради излегувањето на групата од Русија, која формираше 4 п.п. од падот од 10% во септемвриската продажба.

„Веруваме дека „H&M“ е во режим „продажба до заработка“, што предизвикува подобрување на маржата, но и одреден притисок врз обемот“, рече аналитичарот на „RBC“, Ричард Чембрлен.

Како што се намалува притисокот на трошоците, главниот финансиски директор на „H&M“, Адам Карлсон, рече дека гледа потенцијал за намалување на цените, без да даде конкретна временска рамка.

„Кражбите во продавници се зголемија во изминатите два квартали, а „H&M“ истражува решенија кои ќе го прекинат трендот“, рече Карлсон. Така, компанијата им се придружува на неколку трговци кои сигнализираа дека кражбите се во пораст, особено во Британија и САД.

Во Кина, „H&M“ овој месец се врати на „JD.com“, една од најголемите платформи за е-трговија во земјата, сигнализирајќи го закрепнувањето на брендот по долго отсуство поради критиките за нејзиниот став за наводните прекршувања на човековите права во Ксинџијанг.

Компанијата, исто така, се врати на платформата „Tmall“ на „Alibaba“ минатата година, но не е достапна на „JD.com“ од 2021-ва година.

Друг позитивен сигнал за инвеститорите е дека „H&M“ ќе започне со програма за откуп од среда, планирајќи да откупи акции во вредност до 3 милијарди круни до 31-ви март следната година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП