4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМоловите им „пресудија“ на малите дуќанчиња низ Скопје – се издаваат, ама...

Моловите им „пресудија“ на малите дуќанчиња низ Скопје – се издаваат, ама никој не ги изнајмува

Од ден на ден сѐ повеќе се зголемува бројот на дуќани кои зјаат празни во главниот град, а на чии излози е залепено известување: „Се продава или се издава“.

Некогаш живописните улици со разнобојни излози сега изгледаат како пустина, а сопствениците на објектите се борат да најдат „жртви“ кои ќе ги изнајмат дуќаните и ќе започнат свој бизнис на тоа место.

Иако цените за наем се паднати до рекордно ниско ниво, сепак, граѓаните се неодлучни да започнат нов бизнис во време на економска криза.

„Ситуацијата е алармантна. Имаме многу понуди за дуќани во различни делови од градот, но интересот е минимален. Луѓето се плашат да инвестираат во нешто што можеби нема да им успее. Скапотијата и инфлацијата си го прават своето“, ни изјави вработена во агенција за недвижности.

Еден од примерите за тоа колку тешко е да се изнајми дуќан во Скопје е случајот на 55-годишниот Драган, кој издава објект во населбата Влае за само 70 евра месечно.

Тој вели дека со месеци не може да најде муштерии, иако им нуди и други погодности.

„Дуќанот е на добра локација, има паркинг, клима, интернет, аларм, безбедносни решетки на излогот, а има и тоалет. Немам проблем да дадам и попуст или бесплатен прв месец. Но, никој не се јавува. Сите ми велат дека не сакаат да се занимаваат со бизнис, бидејќи се плашат од економската криза. Јас не знам што да правам. Вака никогаш не било“, раскажува нашиот соговорник.

Исто така, големите трговски центри што во изминатите години се изградија во главниот град како да им „пресудија“ на малите дуќанчиња, а поради кризата многу мали бизниси пропаднаа.

Експертите од областа велат дека за разлика од дуќаните коишто се наоѓаат на улиците или во отворените трговски центри низ Скопје, сепак, не е толку тешко ниту евтино да се изнајми дуќан во шопинг моловите.

„Луѓето се навикнаа да пазарат на едно место каде што има разновидни дуќани, па дури и ресторани. Во моловите, сите обврски се завршуваат одеднаш и нема потреба да палите автомобил од дуќан до дуќан и да барате паркинг. Тоа значи дека моловите ги променија куповните навики на граѓаните, па помалите дуќани низ главниот град веќе не се толку популарни. Тешко се наоѓа празен дуќан во моловите кој е слободен за изнајмување, но ете, тоа не е случај со објектите надвор од моловите, без разлика на локацијата и квадратурата“, објаснуваат експертите.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП