28 април, 2024
ПочетнаСВЕТТретина од населението на Нагорно-Карабах побегна во Ерменија: Колона возила долга 80...

Третина од населението на Нагорно-Карабах побегна во Ерменија: Колона возила долга 80 километри

Ерменските власти соопштија дека во средата примиле 42.500 бегалци од Нагорно-Карабах, една третина од вкупното население на сепаратистичкиот кавказски регион каде што Азербејџан започна офанзива минатата недела.

Иако официјален Баку вети дека ќе ја гарантира безбедноста на сите жители, премиерот на Ерменија предупреди дека станува збор за „етничко чистење“.

Планинскиот регион Нагорно-Карабах е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но во голема мера е контролиран од ерменските сепаратисти.

Минатата недела беше потпишан договор за прекин на огнот, според кој на Баку му беше предадена територија со околу 120.000 луѓе, по дваесет и четиричасовна воена офанзива.

Азербејџан во неделата повторно го отвори единствениот пат што го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија и вети дека ќе им дозволи на бунтовниците кои ќе го предадат своето оружје да избегаат.

Приливот на бегалци предизвика огромен сообраќаен метеж, односно километарски колони преполни возила со цели семејства во нив, на коридорот Лашина.

Многу бегалци велат дека им биле потребни 24 часа да пешачат само 80 километри меѓу Степанакерт, главниот град на Нагорно-Карабах, и ерменската граница.

„Не избркаа“, вели етнички Ерменец кој до границата стигнал пеш.

„Ја напуштив куќата за да останам жива“, додава друга жена и продолжува: „Нека знае светот дека сега сме бездомни кучиња“.

Азербејџанците, од друга страна, рекоа дека сакаат да ги третираат етничките Ерменци како „рамноправни граѓани“. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во понеделникот го повтори своето ветување дека правата на етничките Ерменци во енклавата ќе бидат „загарантирани“.

Меѓутоа, истиот ден, во голема експлозија во складиште за гориво загинаа најмалку 68 луѓе кои се обиделе да побегнат. Уште 300 се повредени, а 105 се водат како исчезнати.

Ерменија и Азербејџан, две поранешни советски републики, водеа две војни за Нагорно-Карабах – едната во 1990-тите, а другата во 2020 година. Борбите однесоа околу 36.500 животи.

Според ерменската страна, бројот на загинати во минатонеделната брза инвазија е 200. Од друга страна, десетици азербејџански војници биле убиени при навлегувањето на нивната војска во регионот.

По офанзивата на Азербејџан, ЕУ веднаш реагираше, која во вторникот собра високи француски, германски, азербејџански и ерменски претставници во Брисел. Разговорите вклучија „интензивна размена“ за важноста од евентуална идна средба на почетокот на октомври.

Високиот американски дипломат Ентони Блинкен, исто така, во вторникот го повика Баку да ги заштити цивилите во регионот и да дозволи непречен премин на хуманитарна помош.

Блинкен денеска повторно разговараше со претседателот Алиев и ја истакна „итноста од прекин на непријателствата, обезбедување безусловна заштита и слобода на движење на цивилите“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Франција повика на „меѓународна дипломатска акција“ поради „напуштањето на Ерменија од страна на Русија“. Париз оцени дека „масовниот егзодус“ на Ерменците се случува „под соучесништво на Русија“, која распореди мировни сили во овој регион во 2020 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП