30 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАКороната повторно напаѓа – еве како се подготвуваат граѓаните

Короната повторно напаѓа – еве како се подготвуваат граѓаните

По неколку месеци мир и спокој, стариот и добро познат непријател ковид-19 повторно започнува да се шири низ Македонија.

Според последните податоци од Министерството за здравство, само во август годинава било регистрирано едно починато лице од коронавирусот, а како новозаболени се пријавени 112 случаи.

Властите предупредуваат дека може да се очекува нов бран на инфекции и апелираат до граѓаните да се придржуваат до превентивните мерки.

Но, како се чувствуваат граѓаните за оваа ситуација? Дали се плашат од новиот бран или сметаат дека ковид-19 е помината опасност?

Екипата на Денар излезе на улиците на Скопје и замоливме неколкумина скопјани да си ја отворат душата за короната.

„Јас не сум вакцинирана и не планирам да се вакцинирам. Короната веќе не може да ме исплаши. Ќе продолжам да си го живеам животот без страв од разболување. Немам никакви симптоми и не верувам дека ќе го фатам вирусот“, вели 32-годишната Бојана, вработена во продавница за облека.

Бобан Велјановски, пак, кој работи како таксист во главниот град, вели дека е вакциниран со две дози на „Фајзер“ и дека се чувствува спокоен.

„Но, тоа не значи дека не ги почитувам мерките за заштита од коронавирусот. Секогаш носам маска кога излегувам од дома и избегнувам гужви. Исто така, им делам бесплатни маски на муштериите пред да се качат во моето такси. Многу лошо го поминав вирусот и едвај преживеав во 2021 година. Со денови лежев во болница и бев ставен на кислородна поддршка. Сега не му се плашам на вирусот, но не сакам да ризикувам повторно“, вели тој.

Од друга страна, експертите предупредуваат дека нема место за опуштање, па им порачуваат на граѓаните да бидат свесни за ризикот од нов бран на коронавирусот и да постапуваат одговорно.

Инаку, како што пишува во извештајот на ИЈЗ, регистрираните нови случаи се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број случаи пријавени во возрасната групата над 60 години.

Во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, во текот на август се тестирани вкупно 512 материјали со зголемување на бројот на тестирани за 1,4% во однос на минатиот месец (n=505).

Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31.08.2023, пријавени се вкупно 348.491 потврден случај на ковид-19 и 9.942 смртни случаи.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП