7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата самата си дава аплауз за својата работа, но нема повратни овации...

Владата самата си дава аплауз за својата работа, но нема повратни овации од граѓаните и компаниите!

Пет дена мерката за намалување на цените на дел од прехранбените производи е на сила, а властите не запреа со фалбаџиските изјави колку тие работат во корист на граѓаните. Говорите на владините функционери се полни со наратив за успешно справување со инфлацијата, зголемување на платите, подобрување на бизнис климата, воведување на правично одданочување и ред други фрази кои значат максимално посветена работа за подобар живот на населението. Најголемиот дел од граѓаните, барем од рекациите во јавноста не го делат тоа мислење, туку секој следен ден се потешко живеат во Македонија.

Бизнис заедницата е соочена со нарушена ликвидност и зголемена неизвесност од повторен удар од енергетската криза и оваа зима. А пак опозицијата која редовно ги напаѓа владините економски политики, вели дека тие се без концепт и смета дека токму неразмуните владини одлуки на економски план доведоа земјава да биде рекордер по стапката на инфлација на крајот на ланската година, а во исто време платите на граѓаните да бидат на самото дно во споредба со државите од окружувањето.

Власта е убедена дека со економската политика која ја води не само оваа година туку и изминтите, во време кога светот западна во здравствена, економска и енергетска криза, таа за цел тој период успеала да ги зголемува платите, пензиите и социјалната заштита за најранливите категории на граѓани. Сето ова е резултат, како што велат надлежните, на социјалниот дијалог кој што го имаат со стопанските комори, синдикатите, но и директен контакт со работниците, кои според надлежните се на став дека токму тие се темот на македонската економија.

„Ние како Влада продолжуваме со социјалниот дијалог со стопанските комори, работодавачите, синдикатите, затоа што цврсто стоиме до работниците и стопанството, со мерки ќе продолжиме да даваме поддршка. Единствено со високо ниво на социјален дијалог за приоритетни теми, ќе одговориме соодветно на намалување на инфлацијата и до крајот на годината се стремиме таа да не биде повисока од 5%, во делот на основните производи кои граѓаните ги користат. Зголемувањето на платите од јули оваа година, го надминува зголемувањето на инфлацијата, но со сите овие мерки кои ги правиме, со зголемување на минималната плата за најмалку 10% веќе од почетокот на наредната година, генерално инфлацијата ќе биде на ниво од 8%, а платите ќе пораснат за процент поголем од нивото на инфлацијата. Мерките кои ги носиме имаат економски, но пред сè социјален карактер, со нив ги штитиме пензионерите, ранливите категории граѓани, невработените лица, самохраните родители, сите корисници во системот на социјална помош, работниците, особено работниците со пониски примања каде што сведоци сме дека платата во времето на оваа Влада е најмногу зголемена и така ги штитиме сите граѓани. Буџетските средства ги користиме плански, ефикасно, како за заштита на стандардот на граѓаните, така и за рамномерен и регионален развој на нашата држава, особено преку поддршка на инвестициите со Законот за поддршка на инвестиции каде што преку вицепремиерот за економски прашања веќе бевте информирани дека над 400 компании ќе добијат државна помош за зголемување на инвестициите и зголемување на бројот на вработени во нивните компании.“

Со овие пофални зборови кои редовно ги употребуваат властите предводени од премиерот на речиси сите јавни настапи, не се согласува бизнис заедницата. Стопанствениците сметаат дека се води многу строга политика кон приватниот сектор со економски мерки и даночни политики кои дополнително ја отежнуваат работата на компаниите кои се обидуваат преку целата година да застанат на здрави нозе. Конкретно, за последната мерка во однос на намалувањето на цените на храната од Стопанската комора велат дека таа е драконска и ќе предизвика сериозна штета на целиот ланец на трговијата, почнувајќи од производителите, па дистрибутерите и се до трговците.

„Искажана беше подготвеност да се поддржи иницијативата за намалување за десет отсто на таа класа производи која беше важна за Министертсвото. Веројатно постојат некои пропусти, но во директна комуникација со министерот, а се надеваме и ќе имаме директни комуникации по координативниот состанок со ланците супермаркети, ќе се обидеме проблемот да го сведеме на некакво логично време кое ќе им се даде на маркетите да се прилагодат на мерката. Мислиме дека никој тоа не го направил намерно и не треба да се злоупотреби. Иако се зборува за 75 класи артикли, цената требаше да им се смени на 1 200. Мерката е драконска, непотребна и предизвикува штети, а дека Министерството има можност да ги затвора објектите, веројатно има. Тоа треба да биде последната мерка кон која Министерството треба да прибегне“, велат од Стопанската комора.

Од политичкиот опонент на власта, опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека во континуитет се носат задоцнети мерки, а тоа директно влијае врз стандардот на граѓаните. Опозиционерите никако не сакаат да се сложат со одлуката за носење на нови даноци кои ќе се воведуваат на крајот на една фискална година.

„Власта воведува арач за успешните компании наместо да се бори со сивата економија. Сведоци сме дека одредени делови од Македонија се даночни раеви, а се врши трговија и во странски валути што е истотака казниво. За потсетување на јавноста со овој закон за солидарност, секоја фирма која работела успешно во 2022 година ќе плаќа дополнителен еднократен данок од 30% покрај веќе постоечките 10% данок на добивка. Ова не е солидарност, ова е арамилук. Власта го злоупотреби европското знаменце за да донесе Закон со кој фирми од сите сектори, а не само фирми од енергетскиот сектор како што е во Европа, ќе го плаќаат овој данок. Дополнително, овој закон уште со денот на негово објавување во службен весник ќе биде обжален од сите Стопански комори во државата“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

На економски план во периодот што следи е процесот на носење на предложениот ребаланс на буџетот. Власта реши да пренамени пари кои првично беа предвидени за изградба на капитални инвестиции во средства за обезбедување на повисоки плати кои им ги вети на вработените под државна капа.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП