4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦенкањето се враќа на пазарите – и 5 денари да се, исценкани...

Ценкањето се враќа на пазарите – и 5 денари да се, исценкани да се!

Секој што оди на пазар знае дека не секогаш цената која е истакната на тезгите не е крајната и конечна цена.

Тоа е само почеток на една игра на договарање, во која секој сака да излезе како победник.
Но, дали ценкањето е само хоби или е вистинска потреба?

Пазарџиите велат дека во последно време ценкањето драстично се зголемило.

„Граѓаните се ценкаат за сè. Нема разлика дали продаваме краставици, домати, компири или лимони. Сите сакаат да ја намалат цената, и тоа не за 10 или 20 денари, туку и за 50 денари“, вели сопственик на тезга со зеленчук на пазарот „Бит Пазар“.

Тој додава дека граѓаните се пресреќни дури и ако заштедат 5 денари.

„Тие мислат дека тоа е голем успех. Но, тоа не им помага многу. Сè е скапо, животот е тешок“, кажува пазарџијата.

Пензионерот Васил од Скопје, пак, за себе вели дека е шампион за ценкање.

Тој признава дека секогаш се ценка кога оди на пазар.

„Тоа е дел од пазарот. Ако не се ценкам, ќе мислат дека сум луд. Јас не гледам на ценкањето како на спорт, туку како потреба. Со пензијата не можам врзам крај со крај“, раскажува Васил.

Пензионерот објаснува дека на едно место исценка 10 денари, на друго место 5 денари, на трето место ќе заштеди 20 денари, па лебот го купува гратис.

„Со ценкање си обезбедувам леб за цел ден, а тоа не е малку во оваа скапотија. Пазарџиит веќе ме научија и знаат дека нема да им купам ништо без да се ценкаме“, вели Васил.

На оваа тема Денар разговараше со психологот Сања Љубеновиќ од Скопје, која објаснува дека ценкањето може да биде забавно за некои, но и тешко и мачно за други.

Сè зависи од тоа колку пари имаме во џебот и колку сме спремни да ги трошиме, посочува таа.

„Зголемувањето на ценкањето може да има различни причини, во зависност од економската, социјалната и културната ситуација. Некои можни причини се беспарицата – кога граѓаните имаат малку пари, тие се обидуваат да заштедат што е можно повеќе при купувањето на производи и услуги. Тие се ценкаат за да добијат пониска цена, која би им овозможила да купат повеќе неопходни работи или да зачуваат некој денар. Оваа причина е поврзана со нискиот животен стандард, високата инфлација и ниските плати. Улога игра и менталитетот, односно ако граѓаните имаат навика да се ценкаат, тие го прават тоа како дел од пазарот. Тие го сметаат ценкањето како спорт или потреба, која им дава задоволство и чувство на успех. Оваа причина е поврзана со културните разлики, традициите и обичаите на различните народи. Треба да се земе предвид и конкуренцијата, односно кога продавачите имаат многу конкуренти, тие се обидуваат да привлечат повеќе купувачи со понуда на пониски цени или попусти. Тие се отворени за ценкање, бидејќи не сакаат да губат продажби или профит. Оваа причина е поврзана со пазарната економија, понудата и барањето и маркетингот“, објаснува Љубеновиќ.

Каква е историјата на ценкањето?

Ценкањето е стара пракса која се однесува на договарање за цената на некој производ или услуга. Ценкањето има длабоки корени во историјата на човештвото, бидејќи тоа било начин на тргување уште од времето на првите цивилизации.

Некои од првите документирани случаи на ценкање се наоѓаат во Месопотамија, Египет, Грција и Рим, каде што пазарите биле места на жива трговска активност.

Ценкањето се развивало и се менувало со текот на времето, во зависност од различните култури, религии, закони и обичаи. На пример, во хеленистичката култура, која била под влијание на грчката и ориенталската култура, ценкањето било дел од уметноста на реториката и дебатата. На ценкањето се гледало како начин на покажување на интелигенција, знаење и хумор.

Во современото време, ценкањето сè уште е присутно во многу делови на светот, особено во Азија, Африка и во Латинска Америка.

Ценкањето е поврзано со разни фактори, како што се економската ситуација, психологијата на купувачот и продавачот, културните разлики и социјалните односи. Ценкањето може да биде забавно, нервозно или непријатно искуство за секого кој учествува во него.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП