14 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонската економија испорачува раст на граница на статистичка грешка!

Македонската економија испорачува раст на граница на статистичка грешка!

Бизнисот алармира дека се продлабочува дефицитот на македонската економија. Овој негативен тренд може да се намали евентуално со нови задолжувања. Но и тој потег е веќе виден од страна на јавноста како краткорочно решение на „гасење на пожар“. Стопанствениците предупредуваат дека економските проблеми треба да се решаваат експресно, а не да се оставаат настрана и приоритет да се дава само на политиката во земјава. Стопанството е во неколку месечна стагнација, а потврда за тоа е и остварениот економски раст кој е на ниво од само 1,1 отсто.

Од Стопанската комора и порачаа на владата во периодот што следи да се внимава на предизборните трошења, тие да бидат контролирани а парите наменски потрошени. Во време на ваква криза парите на граѓаните во предизборието да не бидат искористени само за популизам.

Челните лица на оваа бизнис здужение на последниот состанок констатираа дека актуелните случувања во економијата во земјава ја зголемува неизвесноста во реалниот сектор. Остануваат на истата патека која треба да води кон подобрување на условите за водење бизнис, остварување на поголем профит, реализација на нови инвестиции и отворање на повеќе работни места. На владата и порачаа дека членките на Стопанската комора редовно си ги исполнуваат обврските кон државата и затоа сега ги достави до неа следниве барања:

„Истото тоа (редовно плаќање на финансиските обврски) да го прави и државата кон нив и да го преиспита конечно, нашето децениско барање за промена на член 218 од Законот за извршување. Прецизна примена на концептот даночен календар во кој нема да има промена во даночната регулатива доколку истата не е најавена шест месеци пред стапувањето во сила, а со која се воведуваат нови финансиски обврски спрема компаниите. Конечно да се определи рок за да се елиминираат “парафискалните” давачки. Прецизна агенда за промена на структурата на буџетот кој со 47,3% социјални трансфери не дава гаранција за развој. Целосна имплементација на Стратегијата за извозот 2024-2027 година. Прецизно утврден рок за реформи во јавната администрација со воведување на мораториум на нови вработувања и врзување на нивните плати со растот на БДП. Радикално скратување на трошоците на буџетот за непродуктивни трошења. Стопанската комора бара законска одредба дека на секој економски закон ќе мора да се направи анализа после шест месеци од неговата примена“, велат од Стопанската комора.

Од Сојузот на стопански комори пак за Денар велат дека состојбата во економијата е во лоша состојба, а како причини освен погрешните политики на власта додаваат дека и надворешните влијанија имаат удел во негативните резултати кои ги испорачува реалниот сектор.

„На светско ниво има многу неповолни случувања, ретко кој може да биде оптимист и да очекува позитивни резултати. Целото стопанство се бори и со растот на цените и со растот на цената на работната сила, и со многу други аспекти кои влијаат во економското работење. Генерално годинава до сега не може никако да се оцени баш како поволна, а како ќе заврши не може сега да се каже, а може да се види дека стапката на економски раст е на граница на статистичка грешка“, велат од ССК.

Во вториот квартал од годинава Бруто домашниот производ е зголемен само за 1,1 отсто на годишна основа, и според економската динамика се забележува забавување во однос на претходниот квартал. Забавување има и кај личната потрошувачка без оглед на фактот што е забележан незначителен раст од 1,6 отсто, а пак бруто инвестициите се во пад од – 1,2 отсто. Според експертите оваа намалена економска активност се должи на забавувањето на извозот, а сериозен пад има и кај градежниот сектор. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП