Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека ниту украинскиот мировен план, ниту најновите предлози на Обединетите нации за заживување на иницијативата за извоз на жито од Црното Море не се реални.
Лавров ова го изјави на прес-конференција по една недела интензивна глобална дипломатија на годишниот собир на светските лидери во седиштето на ОН во Њујорк, пренесе Ројтерс.
„Тоа е целосно неостварливо“, рече Лавров за мировниот план од десет точки што го промовира Киев.
Тој рече дека таков план не може да се реализира.
„Тоа не е реално и сите го разбираат, но во исто време велат дека тоа е единствената основа за преговори“, посочи Лавров.
Шефот на руската дипломатија рече дека конфликтот ќе се реши на бојното поле доколку Киев и неговите западни сојузници се придржуваат до оваа позиција.
Лавров изјави дека Москва се откажала од Црноморската иницијатива за извоз на жито затоа што не се исполнети ветувањата дадени на Русија, вклучително и укинување на санкциите против Руската банка и нејзино повторно поврзување со глобалниот систем СВИФТ.
Тој рече дека најновите предлози на ОН за заживување на тој извозен коридор за украинските земјоделски производи едноставно не се реални.