6 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАБеќаровски за забраната од Хрватска: Пиперките што се продаваат на нашите пазари...

Беќаровски за забраната од Хрватска: Пиперките што се продаваат на нашите пазари се со многу поголема концентрација на пестициди

Во врска со оспорената пратка на пиперки во Хрватска, која вчера беше потврдена и од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, се огласи и познатиот лекар Нико Беќаровски, кој во своја објава на социјалните мрежи ќе напише: Да бев премиер на Македонија, вратениот контингент бесплатно ќе го разделев на социјалните слоеви граѓани, кои поради високите цени, овој производ сè повеќе само го гледаат, а не може да си дозволат да го купат.

„Вратените ‘отровни’ пиперки – Formetanate hydrochloride, попознат како Carѕol 50, Dicarsol 10 итн е инсектицид од групата карбамати, кој сè уште регуларно се користи во голем број држави и кој при акутни труења (намерно пиење или акцидентно при прскање) предизвикува иреверзибилна инхибиција на еритроцитната холинестераза.
Во текот на овие 33 години клиничка пракса сум имал стотици вакви суицидни труења и со исклучок на неколку екстремно тешки случаи, сите други успешно заминувале од Клиниката за 3 до 5 дена. Напоменувам дека сите тие труења биле со концентриран препарат, а не со откриени траги во прехранбен производ“, пишува Беќаровски.

Појаснува дека јадењето на пиперките што се вратени од Хрватск, поради траги од присуство на овој карбамат е исто толку штетно колку и јадењето кој било друга пиперка, прскана со кој било друг пестицид.

Секако дека долгогодишно јадење производи третирани со ист пестицид, па и со овој, може да дадат последици врз здравјето, но и кај земјоделците што користат пестициди постои мода, па обично на неколку години се користи нов пестицид, додава познатиот лекар.

„Одлуката на Хрватска е во согласност со регулативата на ЕУ, која, пред сè, служи за заштита на економските интереси на ЕУ и нивното производство со нивни пестициди.
Да бев премиер на Македонија, вратениот контингент бесплатно ќе го разделев на социјалните слоеви граѓани, кои поради високите цени, овој производ сè повеќе само го гледаат, а не може да си дозволат да го купат. Тврдам дека ниту еден нема да има акутни здравствени компликации од еднократна употреба на овие пиперки. Всушност, многу веројатно е дека пиперките што се продаваат на нашите пазари се со многу поголема концентрација на разни пестициди“.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера, преку соопштение информираа дека преку апликацијата RASFF Window од Системот за предупредување за небезбедна храна на Европската Унија (RASFF) била добиена нотификација за небезбеден производ од категоријата овошје и зеленчук извезен од нашата земја – свежи пиперки наменети за пазарот во Хрватска.

При спроведена гранична контрола земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуум од пестициди.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП