6 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈААдминистрацијата ќе биде сервис на граѓаните кога партиската книшка нема да биде...

Администрацијата ќе биде сервис на граѓаните кога партиската книшка нема да биде главен услов при вработувањето!

Јавната администрација треба и мора да биде сервис на граѓаните. Но, дали е тоа така во земјава.

Во развиениот свет или подобро кажано во Европската унија каде со децении веќе настојуваме да влеземе како полноправна членка администрацијата значи работа на отчетност, одговорност и целосно транспарентен сектор кој резултира со политики на добро владеење. Во Македонија секоја политичка гарнитура носи свои програми и реформи за администрацијата но состојбите за жал остануваат непроменети. Европа тоа го следи и редовно дава насоки во кој правец треба да се движи државната администрација, но се почесто упатува критики, за партизација и неефикасно работење. Од друга страна, во администрацијата има огромен број на вредни службеници кои во голем дел од случаите ја работат и работата за оние кои добиваат плата затоа што се само дел од некоја политичка партија.

Владата донесе нов документ или како што го именуваше Нацрт – стратегија за транспарентност кој има важност до 2026 година. Во фокусот е транспарентноста на институциите под државна капа, а особено дигиталната транспарентност која треба да овозможи целосно отворање на институциите за граѓаните. Од Илинденска број два велат дека во последниов период владата вовела низа на механизми кои обезбедиле проактивна транспарентност, се со цел институциите на своите веб страници да објавуваат што е можно поголем број на податоци кои ќе бидат во корист на граѓаните. Дополително надлежните се на став дека оваа стратегија ги дефинира потребните процедури и стандарди за транспарентност и отчетност кои треба да ја подигне и обезбеди одговорноста на сите јавни службеници и функционери во државата.

„Стратегијата ги насочува сите министерства и органите во состав, самостојните органи на државната управа, самостојните државни органи и управните организации што одговараат пред Владата, јавните претпријатија основани од Владата и акционерските друштва во државна сопственост да ја сфатат и да ја прифатат транспарентноста како начин на работење. Тие имаат обврска да бидат што е можно поотворени во своето секојдневно работење, да ги споделуваат сите информации со граѓаните без да биде искористено правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер“, велат од Владата

Од Европската унија пак во однос на реформата на јавната администрација и нејзината транспарентност велат дека таа мора да ја има централната позиција во развојот на државата. Тоа е едни од најважните перспективи за членството во Европската Унија. Но, од Унијата велат добро е да се носат стратегии за раформи и подобрување на состојбите во администрацијата, но тоа што е важно е нивната имплементација, не треба да се остане само со пишан документ на хартија. Во однос на капацитетот и професионалноста, од ЕУ велат дека тоа зависи од искористувањето на средствата кои се на располагање од Европската Унијаа со тоа е можен и поголем развој на државата. Од ЕУ додаваат дека не се сомневаат во тоа дека јавните службеници не работат напорно, но велат дека ги препознаваат проблемите со кои се соочуваат. Постојат доста сервиси кои не функционираат, но од друга страна има многу службеници кои напорно работат и очекуваат подобрување на системот.

„Често политичките партии се мешаат во именувањата, што значи дека политичкиот фактор е поважен од заслугите или компетенциите. И секако, многу често комплицираната средина резултира со несоодветна меѓувладина и меѓуинституционална соработка. Ова, секако се предизвици, кои не се само на вашата земја. Не сте единствени, ова се предизвици со кои се соочуваат многу земји низ светот. Многу често, лекциите не се учат, иако има многу добри извештаи како од државните ревизори и ДКСК, кои содржат многу препораки за подобрување. Ние ќе дадеме поддршка и помош, но значителен дел од работата ќе треба да биде направен. Администрацијата, исто така, им а клучна улога во развојот на соодветни одговори на клучните предизвици, бидејќи, ниту една држава не може да функционира без размислување за иднината и планирање“.

Во јавниот сектор и јавната администрација во моментов работат околу 160 илјади лица. Последниве неколку месеци актуелни се протестите и штрајковите кои се случуваат во државните претпријатија, институциите и секторите кои добиваат плата која е блиску до загарантираната минималната плата. Освен платата, дел од администрацијата не е задоволна и од условите во кои работат. Според истражувањата полека но сигурно кај младите луѓе повеќе администрацијата не е првата опција за нивно вработување. Еден од главните проблеми на администрацијата и натаму останува партизацијата, односно вработувањето во државни институции и компании само ако се има партиска книшка на партијата на власт.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП