3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрво поскапуваат за 50%, па поевтинуваат за 10% – граѓаните едвај го...

Прво поскапуваат за 50%, па поевтинуваат за 10% – граѓаните едвај го забележуваат намалувањето на цените во маркетите

Лебот, јогуртот, јајцата, киселото млеко, кашкавалот, овошјето, зеленчукот, дел од месните производи, оризот, брашното, тестенините, бисквитите, наполитанките, се само дел од производите кои вчера поевтинија за 10 отсто и на кои беше залепена ознака: гарантирана цена.

Некои маркети сѐ уште калкулираат, но некои уште вчера од рано наутро се фатија за работа и ги променија цените.

Денар направи обиколка во неколку продажни места, па забележавме дека кај тестенините намалувањето се движи од 7 до 14 денари, кај наполитанките и бисквитите и до 20 денари, а некои производи беа намалени дури за цел еден денар, како на пример – паштетите.

Граѓаните, пак, кои ги анкетиравме се пожалија дека не забележале некое драстично намалување на цените.

„И вчера и денеска влегов во неколку маркети за да ги купам основните производи што ми се потребни, но искрено не забележав некоја промена на цените на продуктите. Дури и да има намалување, тоа сигурно е многу мало во споредба со поскапувањето што ни се случи во изминатиот период. Сметам дека цените треба да бидат намалени толку колку што беа зголемени во изминатите месеци. Ако еден производ се зголемил за 50 проценти, а сега тој производ поевтинува за 10 проценти, тоа не значи некое големо олеснување за нашиот џеб“, ни изјави Розита, пензионерка од Скопје.

Слично мислење дели и 69-годишниот Јован Петровски од Карпош, кој вели дека враќањето на цените што важеа на 1 август годинава не врши голема работа, туку, како што предлага, треба да се вратат цените што важеа пред 2 години.

Тој ни изјави дека сѐ уште не забележал некое големо поевтинување на производите кои редовно ги купува.

„Јас не знам што имаат намалено, ама јас не видов разлика. Сè е исто како и пред тоа. Јас купувам леб, млеко, јогурт, сирење, месо, зеленчук, овошје… Сè е исто. Можеби имаат намалено некои луксузни работи, ама тоа не нè интересира нас. Ние живееме со минимум”, вели Петровски.

Министерот за економија Крешник Бектеши очекува со одлуките инфлацијата до крајот на годината да падне до 5 отсто. 

Сепак, за синдикатите овие мерки се задоцнети и сметаат  дека требало да се донесат веднаш кога престанаа  да важат претходните одлуки и да не им се остава толкав простор на трговците да ги договараат цените.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП