2 мај, 2024
ПочетнаСВЕТПолска објави: Повеќе не испраќаме оружје во Украина

Полска објави: Повеќе не испраќаме оружје во Украина

Конфликтот меѓу Полска и Украина дополнително ескалира синоќа. Полска повеќе не испраќа оружје за Украина, изјави полскиот премиер во интервју за телевизијата Полсат.

Ова соопштение дојде во време кога полско-украинските односи се затегнати поради продолжувањето на забраната на Варшава за увоз на украинско жито. Говорејќи на приватен ТВ канал, Матеуш Моравјецки рече дека Полска помага да се победи „рускиот варварин“, но не може да се согласи да го дестабилизира полскиот пазар со увоз на украинско жито.

„Секако дека ќе го задржиме транзитот на украинската стока“, рече тој. „Полска поради ова не сноси никакви трошоци. Напротив, може да се каже дека заработуваме од тоа“, додаде тој.

Тој рече дека жали што украинските олигарси „го турнале своето жито на полскиот пазар“ без оглед на ефектите што ги имале врз полските земјоделци, што според него ги намалило цените и ја навело владата да воведе гаранции за цените и на крајот да го забрани увозот на украинско жито.

Наместо да испраќа оружје во Украина, Моравјецки рече дека Полска сега „се брани со најмодерното оружје“. „Полска во моментов не пренесува оружје во Украина и активно се вооружува“, рече Моравјецки, додавајќи: „Украина се брани од брутален руски напад и јас ја разбирам таа ситуација, но ние мора да ја одбраниме сопствената земја“.

Полска беше најзначајниот играч во вооружувањето на Украина, не само со снабдување на воена опрема како што се МиГ-29, туку и дозволувајќи им на странските партнери да складираат и пренесуваат оружје преку полската граница во Украина. Досега Варшава испорача воена помош на Киев во вредност од повеќе од три милијарди американски долари.

Вчера полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека Украина треба да запомни дека добива помош од Полска. „Би било добро Украина да запомни дека добива помош од нас и да запомни дека ние сме и транзитна земја за Украина“, изјави тој пред новинарите во Њујорк по обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации.

Полското Министерство за надворешни работи претходно денеска го повика украинскиот амбасадор поради коментарите на претседателот Володимир Зеленски на Генералното собрание на Обединетите нации, соопшти Министерството.

Во своето обраќање, Зеленски рече дека Киев „напорно работи на зачувување на копнените патишта за извоз на жито“ и дека „политичкиот театар“ во однос на увозот на жито само и помага на Москва, која ја нападна Украина минатата година.

Полска, Словачка и Унгарија, наведувајќи ја потребата од заштита на домашните пазари, во петокот најавија свои ограничувања за увоз на украинско жито.

„Заменик министерот за надворешни работи Павел Јаблонски го пренесе силниот протест на полската страна против вчерашните изјави на претседателот Зеленски на Генералното собрание на ОН, во кои се наведува дека некои земји од ЕУ глумеле солидарност додека индиректно ја поддржуваат Русија“, соопшти Министерството.

Јаблонски му рекол и на украинскиот амбасадор дека „притисок врз Полска на мултилатерални форуми или поднесување тужби пред меѓународните судови не се соодветни методи за решавање на споровите меѓу земјите“.

Портпаролот на Светската трговска организација во вторникот потврди дека Украина го направила првиот чекор во трговскиот спор со поднесување жалба до светската трговска организација. Тој не ги именуваше земјите, иако Киев претходно соопшти дека тужбата се однесува на Полска, Словачка и Унгарија.

Исто така во вторникот, Украина рече дека ќе воведе одмазднички мерки за ограничување на увозот на одредени стоки од Полска и Унгарија, доколку тие не ги укинат своите еднострани забрани. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки одговори дека Варшава би можела да забрани увоз на повеќе украински прехранбени производи доколку Киев го засили спорот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП