3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБарел нафта до крајот на годината над 100 долари

Барел нафта до крајот на годината над 100 долари

Цените на нафтата достигнаа ново највисоко ниво од ноември, при што барел брент во вторникот се тргуваше за речиси 96 долари, откако Азербејџан започна воена операција во Нагорно-Карабах. Има се повеќе аналитичари кои сметаат дека нафтата годинава ќе треба да се плати 100 долари.

Снабдувањето е ограничено, а двете најважни членки на картелот ОПЕК+, Саудиска Арабија и Русија, се решени да ги задржат намалените производствени квоти за вкупно 1,3 милиони барели дневно до крајот на годината. Поради тоа, предупредува Меѓународната агенција за енергетика, пад на понудата треба да се очекува и во последниот квартал од оваа година.

Аналитичарите на Bank of America веруваат дека Брент може да се пробие над 100 долари пред крајот на годината, нагласувајќи дека загриженоста за забавувањето на кинескиот економски раст не игра никаква улога. Ако нафтата навистина отиде над 100 долари, тоа ќе ги зголеми инфлаторните притисоци, задржувајќи ги каматните стапки на високи нивоа подолго од очекуваното. Тоа негативно би се одразило на економскиот раст, а со тоа и на побарувачката на нафта, па според Bank of America не се очекува долго време цените да останат над сто долари.

Главниот економист на ОЕЦД предупредува дека ризиците во Европа поради обновените високи цени на нафтата (од мај се зголемени за 25 отсто) се многу поголеми отколку во САД, бидејќи Европа е голем увозник на енергетски производи. Затоа, ОЕЦД ја зголеми прогнозата за раст на американската економија и ја намали прогнозата за растот на еврозоната. Тие благо ја зголемија проценката за растот на глобалниот БДП за оваа година (од 2,7 на 3,0 отсто), но ја намалија за 2024 година, од 2,9 на 2,7 отсто, поточно. Минатата година глобалниот економски раст беше 3,3 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП