11 мај, 2024
ПочетнаСВЕТЗеленски се обрати до ОН: „Русија користи сè како оружје“

Зеленски се обрати до ОН: „Русија користи сè како оружје“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија користи се како оружје, од храна до енергија.

„Од почетокот на агресијата, Русија ги блокираше нашите пристаништа на Црното Море и Азов, а тие секојдневно ги напаѓаат пристаништата на Дунав. Русија се обидува да го искористи недостигот на храна на светскиот пазар како оружје, во замена за признавање на окупирани територии“, рече Зеленски во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации.

Русија, додаде тој, ги користи цените на храната и енергијата како оружје.

„Русија ја претвора нуклеарната енергија во оружје, погледнете што прават во централата во Запорожје, ја гранатираат, ја окупираа, а сега ја уценуваат со радијација“, рече Зеленски.

Тој го повика целиот свет на солидарност и единство за да може да се спасат човечки животи, велејќи дека поради нуклеарното оружје секоја војна може да биде последна.

„Украина прави сè за никој да не се осмели да нападне друга земја по руската агресија. Оружјето мора да се ограничи, воените злосторства да се казнат, а депортираните да се вратат дома. Окупаторот мора да ја врати територијата“, рече тој.

Тој ги спомна и децата киднапирани и депортирани за време на војната, велејќи дека во Русија ги учат да ја мразат Украина и дека тоа е геноцид.

Зеленски, исто така, смета дека е вознемирувачко што некои во Европа ја „поткопуваат солидарноста“ и поставуваат „сцена за московски актер“.

Европската комисија го укина ембаргото за увоз на украински стоки, но Полска, Чешка и Унгарија го продолжија самоиницијативно, тврдејќи дека тоа ја ослабува позицијата на локалните земјоделци и производи.

Како што јави АП, во име на Русија, во сабота на Генералното собрание на Обединетите нации треба да се обрати шефот на дипломатијата Сергеј Лавров.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП