2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАВакцина против тетанус нема ни за лек – скопјани ги фаќа „беснило“...

Вакцина против тетанус нема ни за лек – скопјани ги фаќа „беснило“ од вакви неправди

Неколкумина граѓани од Скопје кои се обратиле на Инфективната клиника за да се вакцинираат против тетанус, останале изненадени и разочарани откако дознале дека на Kлиниката нема вакцини за оваа болест.

„Матичниот лекар ме испрати на Клиника за да примам вакцина против тетанус затоа што имав повреда на раката. Но, лекарите таму ми рекоа дека нема вакцини и дека не знаат кога ќе им пристигнат. Тие ми порачаа да одам самиот да си купам во аптека и да дојдам за да ме боцнат, или, пак, да одам во некоја од приватните болници. Се одлучив на втората варијанта и си ја платив услугата во една од приватните болници – раскажува Жарко М. од Скопје.

Дека Клиниката во главниот град се соочува со недостиг на вакцина против тетанус неодамна потврди и директорката д-р Милена Стевановиќ, која посочи дека оваа терапија им следува на пациенти каснати од животно или кои имаат исекотини на телото.

„Клиниката редовно се снабдува со тетанус вакцина и со серум, но количините брзо се трошат бидејќи во летниот период имаме зголемен број пациенти кои имаат потреба од ваква терапија, а кај нас доаѓаат и од другите населени места. Овој недостиг е поради тоа што болницата „8 Септември“ на лето нема дежурна служба во инфективното одделение, па поради тоа пациентите се препраќаат кај нас“, изјави д-р Стевановиќ.

Инаку, тетанус е акутна болест која предизвикува бактерија која произведува два токсини, од кои еден доведува до прекин на црвените крвни зрнца, а другиот се шири по централниот нервен систем и предизвикува болни мускулни контракции и мускулна ригидност.

До инфекција со бактеријата се доаѓа преку повреди и рани на кожата.

Според инфектолозите, во зависност од повредата, пациентот може да добие и вакцина и серум.
Дифтеријата, тетанусот и големата кашлица може да се спречат со една безбедна и ефикасна комбинирана вакцина. Вакцината содржи мало количество токсини на дифтерија и тетанус, кои се модифицирани за да бидат безопасни.

Вакцината содржи пречистени делови на бактеријата што ја предизвикува големата кашлица, како и мали количества антибиотици и конзерванси. Вообичаено, децата се вакцинираат на возраст од 18 месеци со оваа вакцина.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП