7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропската централна банка ги зголеми клучните каматни стапки десетти пат по ред

Европската централна банка ги зголеми клучните каматни стапки десетти пат по ред

Европската централна банка денеска одлучи да ги зголеми трите клучни каматни стапки за нови 25 базични поени

„Инфлацијата продолжува да опаѓа, но сепак се очекува да остане предолго претерано висока. „Управниот совет силно се залага за што поскоро враќање на инфлацијата на среднорочната цел од два отсто“, се вели во соопштението на ЕЦБ.

Денешното зголемување на каматните стапки произлегува од оценката на Управниот совет за изгледите за инфлација врз основа на новите економски и финансиски податоци, динамиката на базната инфлација и силата на преносот на монетарната политика.

Во септемвриските макроекономски проекции на експертите на ЕЦБ за еврозоната се предвидува просечна инфлација од 5,6 отсто во 2023 година, 3,2 отсто во 2024 година и 2,1 отсто во 2025 година. Тоа е нагорна ревизија за 2023 и 2024 година и надолна ревизија за 2025 година.

„Нагорната ревизија за 2023 и 2024 година главно произлегува од повисоките нивоа на цените на енергијата. Основните ценовни притисоци се сè уште силни, иако повеќето показатели почнаа да се намалуваат. Експертите на ЕЦБ ги ревидираа и малку ги намалија прогнозираните нивоа на инфлација без енергија и храна, на просечни 5,1 отсто во 2023 година, 2,9 отсто во 2024 година и 2,2 отсто во 2025 година. Силниот пренос на претходните прогнози продолжува. Зголемување на каматните стапки врз основа на одлуките на Управниот совет“, се посочува во соопштението и се додава дека условите за финансирање се дополнително заострени и имаат се понеповолно влијание врз побарувачката, што е важен фактор за враќање на инфлацијата на целното ниво.

„Имајќи го предвид растечкото влијание на тоа заострување врз домашната побарувачка во контекст на слабеењето на меѓународната трговија, експертите на ЕЦБ значително ги намалија проекциите за економски раст. Тие сега предвидуваат дека економијата на еврозоната ќе расте со стапка од 0,7 отсто во 2023 година, еден отсто во 2024 година и 1,5 отсто во 2025 година“, проценува Европската централна банка.

По денешното зголемување на каматната стапка на операциите за главно рефинансирање, од 20 септември каматните стапки на маргиналната кредитна линија и на депозитната линија ќе се зголемат на 4,50 отсто, 4,75 отсто, односно четири отсто, соопшти ЕЦБ.

Врз основа на досегашната оценка, Управниот совет смета дека клучните каматни стапки на Европската централна банка се на нивоа кои, доколку се одржуваат доволно долго, ќе дадат значителен придонес за што поскоро враќање на инфлацијата на целното ниво.

Управниот совет во идните одлуки ќе ги утврдува нивоата на клучните каматни стапки на ЕЦБ, кои ќе бидат доволно рестриктивни онолку долго колку што е потребно. При определувањето на соодветното ниво и времетраењето на заострувањето, Советот ќе продолжи да применува пристап заснован на податоци.

Имено, нејзините одлуки за каматните стапки ќе зависат од проценката на инфлаторните перспективи врз основа на новите економски и финансиски податоци, како и од динамиката на базната инфлација и силата на преносот на монетарната политика, се посочува во соопштението на ЕЦБ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП