За терапијата на секој пациент на Клиниката за онкологија одлучуваат дванаесетмина раководители на оддели и можноста за пропуст е минимална, уверува министерот за здравство, Фатмир Меџити. Тој денес извести дека присуствувал на лекарски колегиум на Онкологија и лично се уверил во овој начин на функционирање за кој тврди дека бил воведен уште пред да се појават во јавноста тврдењата дека на пациентите им бил даван физиолошки раствор место антиканцерогени лекови, кои завршувале на црниот пазар.
„Токму поради индициите што ги имале, лекарите на Клиниката презеле мерки и за терапијата на секој еден пациент одлучуваат 12 раководители оти Онкологија има 12 оддели, а гласот на директорката е изземен за да нема сомнеж за злоупотреби. За сите дијагнози, за сите лекови, за тоа кој пациент како и кога ќе го прими лекот, како и за утврдување точни дози, одлучуваат сите раководители. Ме радуваше начинот како се одлучува со 12 раководители, можноста е минимална и ќе сносат одговорност сите што ќе згрешат“, рече министерот Меџити.

