13 декември, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАВнимавајте на овој трик на молерите

Внимавајте на овој трик на молерите

Наместо да им пресмета колку ќе ги чини молерисувањето врз основа на вкупната квадратура на домот, како што впрочем се пресметува цената на услугата, молер од Скопје се обидел да надитри едно семејство со тоа што сакал да ја подметне квадратурата од секој ѕид поединечно.

Како што објави извесен Звонко Милошевиќ на социјалната мрежа Фејсбук, молерот се обидел да ја измами неговата сопруга и да ѝ подметне „погрешна“ математика во пресметката, но и да ѝ понуди висока цена на квадратот.

„Сакам да споделам едно непријатно искуство што го доживеавме со мајстор кој требаше да го молериса нашиот стан кој има 85 квадрати. Нема да го откријам името на мајсторот, но сакам да ве предупредам да бидете внимателни кога се договарате со молерите. Имено, по препорака на наши пријатели мојата сопруга го нашла молерот, кој уште истиот ден дошол да го разгледа станот и да даде понуда. Јас сум возач на автобус и во тој момент не бев дома. Мајсторот ѝ рекол на сопругата дека може уште следниот ден да започне со молерисување и инсистирал што побрзо да одлучиме за бојата на ѕидовите. Веднаш ми беше сомнително тоа што мајсторот инсистираше што побрзо да започне со работа, а уште посомнително ми беше тоа што не ѝ ја кажал цената на сопругата, туку ѝ рекол дека лесно ќе се договориме за цената“, раскажува Милошевиќ.

Тој вели дека уште следниот ден ја натерал сопругата да му се јави и да го праша колку ќе чини молерисувањето.

„Ѝ реков на сопругата да му се јави, да го праша за цената и воедно да му каже дека нема сите ѕидови да се молерисуваат, бидејќи во неколку соби имаме вградени плакари. Кога му се јави, тој ѝ соопшти дека внимателно измерил оти ѕидовите на нашиот стан имаат површина од 200 квадратни метри, а дека цената за еден молерисан квадратен метар изнесува 5 евра. Замислете, човекот ја мерел површината на секој ѕид посебно, па бројките ги собирал за да добие цифра од 200 квадратни метри. Со попуст, како што ни рече, молерисувањето на целиот стан би нè чинело 800 евра, иако по правило требало да ни наплати 1.000 евра. Морам да напоменам дека избравме најобична бела боја и дека цената на услугата е без глетување“, раскажува скопјанецот.

Милошевиќ вели дека мајсторот без никаков срам сакал да ги измами и да заработи лесни 800 евра.

„Му ја спуштивме слушалката. Срамота. Каков мајстор е тој? Па дури подоцна имаше храброст повторно да ни се јави и да ни соопшти дека направил грешка во математиката и дека целата услуга овојпат би нè чинела 250 евра. Фала, ама не сакам да си имам работа со преваранти. Му реков веќе никогаш да не ми се јавува“, раскажува Милошевиќ.

Денар направи мало истражување, па и со оглед на тоа што цените за молерисување оваа година се поскапени, сепак, цената од 5 евра за квадрат е превисока.

Па така, за квадрат молерисување со најобична бела боја се наплатува од 80 до 150 денари за квадрат, додека боењето со мрсна боја чини 150 денари за квадрат.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП