30 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЗа злосторничко здружување наместо 10 во затвор 3 години, Собранието ги изгласа...

За злосторничко здружување наместо 10 во затвор 3 години, Собранието ги изгласа измените во Кривичниот законик

Со 48 гласови „за“, 36 „против“ и 1 „воздржан“ Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Гласаа вкупно 85 пратеници, а дебатата во Собранието траеше нешто повеќе од еден час.

Измените се однесуваат на казните на неколку кривични дела, односно за значително намалените казни за различните облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ со намалување на казната од најмалку 3 години затвор на казна од 1 до 4 години затвор, како и членот 394 „Злосторничко здружување“ со намалување на казната до 10 години на казна до 3 години.

Претходно Блупринт групата реагираше во однос на предлог законот за измени на Кривичниот законик по скратена постапка.

Оттаму велат дека измените во Кривичниот законик ќе влијаат и врз судските постапки иницирани од СЈО, како и дека постои опасност од настапување на апсолутна застареност.

„Последиците доколку овие предлози се донесат како закон ќе бидат особено погубни за борбата против криминалот и корупцијата. Покрај праќањето порака дека ова дело не е помалку општествено штетно од претходно (што се прави со намалувањето на казната) тоа ќе има влијание и преку намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност. Ова од причина што, пресметувањето на роковите за застареност е директно поврзано и зависи од видот и висината на пропишаната казна за одделно кривично дело, без разлика дали станува збор за застареност на кривичното гонење или пак на извршувањето на казната. Следствено на ова, предложените измени во Кривичниот законик неспорно ќе имаат влијание и врз судбината на судските постапки иницирани од страна на Специјалното јавно обвинителство, а кај кои што постои опасност од настапување на апсолутна застареност, односно предметите со работен наслов: Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија. Исто така би сакале да потенцираме дека одделението за организиран криминал и корупција и останатите кривични оддели имаат речиси идентична казнена политика по однос на изрекувањето на санкции иако во одделението за организиран криминал и корупција тежината на кривичните дела е значително поголема со оглед на видот на истите. Во таа насока, нејасна е потребата од дополнително намалување на санкциите за овие дела, имајќи предвид дека и со сегашните предвидени казни за овој вид дела, се изрекуваат значително ниски казни“, соопшти Блупринт групата за реформи во правосудството.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП