28 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИХрватски Инфинум ја презеде американската дигитална агенција ExpandTheRoom (ETR)

Хрватски Инфинум ја презеде американската дигитална агенција ExpandTheRoom (ETR)

ETR носи искуство и експертиза од 20 години работа со клиенти како Reuters, Citibank, ESPN, Business Insider и Honda, како и директен пристап до најголемиот светски пазар за дигитални услуги

Една од најголемите хрватски ИТ компании, Инфинум, ја презема ExpandTheRoom (ETR), креативна дигитална агенција со седиште во Њујорк. Присутен на македонскиот пазар со свои канцеларии од 2022 година, овој наградуван технолошки колектив, чии клиенти се Philips, KPMG, Porsche и Warner Brothers, го проширува своето присуство во САД за да одговори на зголемената побарувачка во областа на стратешката дигитална трансформација.

Инфинум моментално работи од осум канцеларии во Европа и САД, вработува околу 400 експерти во областа на дизајн и развој на дигитални производи и континуирано соработува со светски брендови во креирање иновативни решенија за различни сектори вклучувајќи ја автомобилската индустрија, финансиите, здравството и малопродажбата.

„Главната мотивација за аквизицијата е да се воспостави посилно присуство во САД. Постоечката канцеларија во Њујорк веќе постигнува одлични резултати на најголемиот пазар за дигитални услуги во светот, а со засилувањата од ETR ќе можеме да го подигнеме нашиот бизнис на повисоко ниво. Горди сме што можеме да им посакаме добредојде на нивниот искусен и професионален тим кој веќе има силна база на клиенти како што се Citibank, ESPN, Reuters, Business Insider и Honda. Верувам дека на овој начин ќе им обезбедиме уште подобра услуга на постоечките клиенти, а со поголем тим во САД полесно ќе дојдеме и до нови клиенти“, изјави Никола Капраљевиќ, извршен директор на Инфинум.

Инфинум и ETR, освен искуство и комплементарна компаниска култура, делат и сличен почеток. Американската агенција, која се издвојува по својата експертиза во областа на корисничкото искуство и аналитичкиот пристап, е основана од двајца пријатели, Џејмс Кол (извршен директор) и Тод Дојл (креативен директор), а со текот на годините тие имаат составено тим од 24 експерти кои во соработка со Инфинум отсега ќе можат да преземат уште поинтересни проекти и поголеми клиенти.

„Побарувачката за супериорно корисничко искуство е поголема од било кога. Со воведувањето на технологии како вештачката интелигенција, потребата за дигитална трансформација само дополнително ќе се зголеми. Влегуваме во нова ера и од прва рака гледаме дека брендовите бараат дополнителна експертиза за да се прилагодат на новите околности. Со оглед на овие трендови, Инфинум и ETR стратешки ги здружуваат силите за подобро да ги водат и насочат глобалните клиенти низ предизвиците со кои ќе се соочат во иднина“, коментира Џејмс Кол, извршен директор на ExpandTheRoom.

Експертите од американската дигитална агенција дополнително ќе ги зајакнат способностите на Инфинум. Заедно, тие ќе им обезбедат на клиентите додадена вредност заснована на стратешки дизајн и модерни технологии, вклучувајќи иновации во областа на вештачката интелигенција, корисничкото искуство, Интернет на нештата и сајбер безбедноста.

Аквизицијата на Инфинум e финансирана со комбинација на сопствени средства и заеми од ЕБОР. Одобрената кредитна линија изнесува 10,8 милиони евра, а средствата ќе бидат наменети за оваа и за идните стратешки аквизиции. Ова претставува значајно ново поглавје во растот на компанијата и уште посилен пристап кон најголемиот светски пазар за дигитални услуги.

Со оваа аквизиција, консолидираните приходи на Инфинум растат за нешто повеќе од 20% во однос на претходната година, а во 2023 година ќе изнесуваат околу 29 милиони евра.

За Инфинум

Инфинум е независна агенција за дизајн и развој на дигитални производи која работи со водечки светски брендови и светски познати компании на креирање иновативни дигитални решенија за низа сектори, вклучувајќи ги финансиите, здравството и автомобилската индустрија. Од своето основање во 2005 година, Инфинум испорачува дигитални производи што ги користат милиони корисници ширум светот, многу од кои освоија и светски познати награди во индустријата како Red Dot и iF Design Award. Инфинум има околу 400 вработени и надворешни соработници и работи од осум канцеларии во Европа и САД, со фокус на создавање на автентични дигитални искуства кои го подобруваат бизнисот и им носат вредност на корисниците.

За ETR

ETR е американска дигитална агенција со повеќе од 20 години искуство во креирање дигитални искуства за клиенти како што се Citibank, ESPN, Reuters, Business Insider и Honda. Вработените на ETR се лоцирани низ целата територија на САД, од каде што работат на дефинирање стратегии и развој на производи со приоритет на корисничкото искуство и дизајн. Со цел да создаде производи кои се корисни, естетски избалансирани и пред сè ефективни, ETR има развиено свој пристап за решавање на дизајнерските предизвици наречен Purpose-Driven Design.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП