7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата го убедува бизнисот дека солидарниот данок ќе биде во нивна корист!

Владата го убедува бизнисот дека солидарниот данок ќе биде во нивна корист!

Владата и стопанствениците и натаму не можат да најдат заеднички јазик за предлог Законот за данок за солидарност. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека законското решение ќе добие уште една шанса да биде донесено во собранието, откако имаше два неуспешни обиди. Власта има намера екстра да ги одданочи фирмите кои сериозно профитирале во време на еднергетска криза, и со тие пари да обезбеди нови мерки за компаниите и граѓаните. Но бизнисот е против воведување на нов данок во време кога се бори за подобра ликвидност.

Владата не се откажува од носењето на Законот за данок на солидарност. Ќе се обидат по трет пат да го протуркаат во собранието. Но овој пат ќе се бара заедничко решение со бизнос заедницата, која по ниту еден основ не сака да прифати дополнителни расходи. Властите сега ги разубедуваат бизнисмените да го прифатат овој нов данок за да не биде доцна во периодот што следи.

„Иако е законско решение на Министерството за финансии, ние мислиме дека во време на криза треба да бидеме солидарни. Но, откако тоа законско решение не можеше да ги помине собраниските филтри во законодавниот дом, сега треба да седнеме дополнително за да разговараме за да не биде доцна за носење на такво законско решение. Тоа го мислиме затоа што поминаа шест месеци откако се доставени сите завршни сметки на компаниите. Во овој период одредени компании, тие средста можеле да ги реинвестираат, можеле да почнат нови проекти, а тоа значи дека сега може негативно да влијаеме во одредени компании во делот на нивната ликвиднсост и можност дневно да оперираат со средствата кои ги предвиделе во делот на плаќањето на даноци, плати, или набавка на суровини или останати расходи“, велат од министерството за економија.

Речиси и да нема стопанска комора или друго бизнис здружение кои е против носењето на нов Закон за данок на солидарност. Последни со свој став се јавија од Стопанската комора на Северозападна Македонија. Според нив членките на оваа комора кои го исполнуваат условот за ново оданочување ќе бидат драстично оштетени бидејќи парите кои ги заработиле лани веќе ги инвестирале, велат од Северозападната комора.

„Овој нов закон нема да дава никакви резултати, имаме големи проблеми и не ни требаат нови даноци. Покрај сите компликации што може да ги донесе овој закон, како во краткорочна, така и во долгорочна перспектива, истиот ги дестимулира компаниите да инвестираат и да се развиваат, бидејќи во случај на пораст на приходите и нето добивка, тие ќе треба да плаќаат екстра данок, што дополнително може да ја стимулира неформалната економија“, велат од Стопанската комора на Северозападна Македонија.

За новата еднократна давачка на дел од комапниите кои лани оствариле екстра профит реагираа и Сојузот на Стопански комори, Стопанската комора на Македонија, Организацијата на работодавачи, Бизнис Конфедерацијата на Македонија и останати Стопански комори како и бизнис здруженија и други организации. Но, владата не отстапува од намерата да собере дел од нивната заработка и со тие пари да промовира нови мерки за приватниот сектор. Според предлог Законското решение данок на солидарност треба да платат сите компании кои лани оствариле приход кој надминува 10 милиони евра. Данокот изнесува 30 отсто на секој денар кој е повеќе од просекот од трите последни години. На тој начин владата планира да собере околу 80 милиони евра кои според информациите ќе ги наплати од околу 200 компании.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП