1 мај, 2024
ПочетнаСВЕТВОЈНА ВО УКРАИНА: Утрово русите го нападнаа Киев и речното пристаниште Измаил...

ВОЈНА ВО УКРАИНА: Утрово русите го нападнаа Киев и речното пристаниште Измаил на Дунав со ракети и беспилотни летала

Војната во Украина влезе во 560-от ден. Напад на руско беспилотно летало на пристаништето Измаил, едно лице загина, пристанишната инфраструктура е оштетена, објави гувернерот на регионот Одеса. Руската воздушна одбрана уништи украинско беспилотно летало над областа Брјанск, соопшти Москва.

Како што јави Ројтерс, утринава руските сили го нападнаа украинскиот главен град Киев со проектили и беспилотни летала. Во нападот загина еден цивил, а последица од нападот се серија пожари и уништување во речното пристаниште Измаил на Дунав, соопшти украинската армија.

За време на речиси тричасовен напад со беспилотни летала врз Одеса, беа оштетени неколку земјоделски и пристанишни објекти, а беа пријавени неколку пожари во Измаил, едно од клучните пристаништа за извоз на жито во Украина, изјави Олех Кипер, гувернер на Одеса.

Руската воздушна одбрана уништила украински беспилотно летало синоќа над областа Брјанск во Русија, која граничи со Украина, соопшти руското Министерство за одбрана. Шефот на областа Брјанск, Александар Богомаз, на Телеграм напиша дека нема жртви или штети, пренесе Ројтерс, пренесува РТС.

Контраофанзивата трае веќе три месеци, а украинските сили не ги постигнале целите на ниту еден фронт, тврди рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Тој истакнува дека е тензично во Запорожје, каде што Украинците во борбите воведоа бригади од стратешките резерви, кои беа обучени од западни инструктори.

„Украинското раководство очајно се обидува да им покаже на своите западни покровители барем одреден успех за да продолжи да добива воена и економска помош, што само го продолжува конфликтот“, рече Шојгу.

Според британски Тајмс, пробивањето на првата линија на руската одбрана кај Запорожје, по неколкунеделно макотрпно расчистување на мините, однело огромен данок врз животите на украинските војници.

Еден од членовите на украинската специјална единица изјави за британскиот весник дека единицата изгубила 75 отсто од својот персонал.

Рускиот претседател вели дека русофобијата и неонацизмот станале норма во Украина и балтичките земји, а историјата почнала да се користи како оружје на идеолошката борба. Тој нагласува дека непријател на Русија не е украинскиот народ, туку нацистите и нивните следбеници.

Владимир Путин во интервју за државната телевизија рече дека западните сили го поставиле Владимир Зеленски, кој има еврејско потекло, за претседател на Украина, со цел да се „прикрие глорификацијата на нацизмот“.

Украина го отфрла предлогот на Турција да го омекне својот став за заживување на договорот за жито.

Реџеп Таип Ердоган најавува дека за жито ќе се разговара во Обединетите нации, а потоа можеби повторно со Путин на крајот на месецот.

Според советникот на Зеленски, Михаило Подољак, на Русија не и треба договор за житото. „Москва сака да ја отсече Украина од глобалниот пазар на жито, да ги зголеми цените и да има монопол над Црното Море“, рече Подољак.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП