6 мај, 2024
ПочетнаСВЕТТурскиот претседател во Сочи: Дали Ердоган ќе го убеди Путин повторно да...

Турскиот претседател во Сочи: Дали Ердоган ќе го убеди Путин повторно да се приклучи на договорот за жито?

Рускиот претседател Владимир Путин попладнево во рускиот град Сочи ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пишува Си-Ен-Ен.

Како што е најавено, целта на посетата на Ердоган е да ја убеди Москва да го преиспита своето повлекување од Црноморскиот договор за жито.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно повтори дека Русија ќе биде подготвена повторно да се приклучи на Црноморската иницијатива штом види гаранции дека придобивките ветени на Русија ќе бидат имплементирани.

Што е Црноморскиот договор за жито?

На 17 јули Русија се повлече од договорот постигнат со посредство на Турција и ОН минатата година, нанесувајќи им удар на глобалните резерви на храна. Договорот овозможи безбеден премин на бродовите што превезуваат жито од украинските пристаништа.

Тој веќе беше обновен три пати, но Русија постојано се закануваше дека ќе се повлече, тврдејќи дека е попречена во извозот на сопствените производи.

Откако го напушти договорот, Русија започна серија напади врз резервите на жито во клучните украински градови, вклучително и пристанишниот град Одеса. Пропаѓањето на договорот ги зголеми глобалните цени на храната и може да доведе до глад на милиони во сиромашните земји.

Турција уште еднаш ја презеде улогата на посредник во напорите за спроведување на договорот за жито. На брифингот во Москва во четвртокот, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан повтори дека обновувањето на договорот е важно за светот.

ОН исто така се обидуваат да го оживеат договорот. Генералниот секретар Антонио Гутереш во четвртокот изјави дека испратил „сет конкретни предлози“ до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

РИА Новости пишува дека преговорите меѓу Ердоган и Путин ќе започнат околу 13 часот по локално време.

Тие не потсетуваат дека ова ќе биде прва средба лице в лице меѓу Путин и Ердоган по речиси една година пауза.

Како што пишува турскиот весник „Милиет“, повикувајќи се на свои извори, турскиот лидер на својот руски колега ќе му понуди услуги на посредник за решавање на украинскиот конфликт.

Дополнително, пишува весникот Хуриет, во Анкара со „внимателна надеж“ пристапуваат кон темата за повторно воспоставување на договорот за житото.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП