7 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПостои решение за кучињата-скитници во Скопје, ама чини пари

Постои решение за кучињата-скитници во Скопје, ама чини пари

Толку ли е тешко да се воведе ред на скопските улици и конечно да се изнајде начин како да се заштитат граѓаните од кучињата-скитници кои ги полнат полициските билтени со нивните агресивни напади?

Не е тешко, ама е скапо. Вака ни одговорија активистите за правата на животните, кои објаснуваат дека евентуалното трајно згрижување на уличните кучиња би било многу скапо и неефикасно решение.

-Што ќе добиеме ако изградиме прифатилишта за трајно згрижување на кучиња-скитници? Ќе добиеме продлабочување на проблемот и ќе бидеме уште подалеку од решението. Само во главниот град во моментов живеат околу 5.000 кучиња-скитници, а тој број постојано се зголемува поради неодговорни сопственици и нерегистрирани одгледувачници. Како и да вртите, физички невозможно е да сместите толку многу кучиња во неколку новоизградени објекти. За да се изведе такво нешто потребен е голем простор, голем број волонтери и вработени, големи трошоци за храна, средства за ветеринарни услуги, а каде ќе биде крајот и која ќе биде целта? Освен тоа што мал број граѓани ќе вдомат неколку кучиња, сепак тие објекти во поширока смисла ќе значат затвор за животните – објаснува активист од Скопје кој сакаше да остане анонимен.

Тој вели дека институциите во државава треба да смислат начин како да ги санкционираат кучињата-скитници за коишто постојат докази дека нападнале луѓе, но тој начин, како што додава, не смее да биде убивање.

Официјалниот став на здружението „Анима Мунди“, пак, е дека единственото решение лежи во програмата „Залови, стерилизирај, врати“, бидејќи, како што велат оттаму, на тој начин проблемот би се ставил под контрола со стерилизација на 75 проценти од репродуктивната популација.

Од ова здружение објаснуваат дека стерилизираните, односно кастрираните кучиња се со смирен хормонален статус, помалку се склони на формирање глутници и натпреварување поради парење, а исто така се вакцинирани и заштитени се од заразни болести.

-Наместо да се трошат пари на справување со последиците, државата треба да ги санкционира оние кои директно го предизвикуваат или го продлабочуваат проблемот – коментираат од „Анима Мунди“.

Инаку, во април минатата година Советот на Град Скопје едногласно усвои одлука со која пријавите за каснување од куче-скитник ќе се решаваат спогодбено наместо да се влечат по судови, а проценките се дека за 50 проценти ќе се намалат трошоците на Градот за судски такси и адвокатски награди, односно целосно ќе се елиминираат трошоците на ЈП Лајка.

Според мислење од Врховен суд, Град Скопје и ЈП Лајка одговараат солидарно за каснување од бездомни кучиња, а само за парични трошоци се исплаќаат 70.000 денари по случај.

Градот Скопје во 2020 година исплатил околу 250.000 евра за 480 тужби, а во 2021 година исплатил над 400.000 евра за 589 тужби. ЈП Лајка исплатило исто толку.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП