1 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАКој стигне си поигрува со државните институции – ќе им објавиме ли...

Кој стигне си поигрува со државните институции – ќе им објавиме ли конечно војна на хакерите?

Има ли во план државава конечно да им објави војна на хакерите и да разработи нова државна стратегија за борба против компјутерскиот криминал, ако се земе предвид фактот дека скоро секоја веб-страница или Фејсбук профил на државна институција речиси секој втор ден е жртва на хакерски напади?!

Ова, во разговор за Денар, го коментираат компјутерски експерти, откако последна во редот хакирани официјални Фејсбук страници се најде страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), каде што, наместо фотографии со нашите најдобри фудбалери, објавувани беа девојки со длабоки деколтеа.

Веројатно многу добро се сеќавате и на неодамнешниот хакерски напад врз веб-страницата на Фондот за здравствено осигурување, кога сите матични лекари, болници и аптеки беа принудени некое време да пополнуваат хартиени обрасци со потписи на пациентите за сите услуги платени од ФЗО.

Нападната беше и страницата на Министерството за земјоделство и шумарство, на Катастар за недвижности, на Собранието, на Министерството за образование и наука…

Експертите со коишто разговараше Денар велат дека на земјава ѝ е потребно итно разработување нова поефикасна стратегија за борба против компјутерскиот криминал, оти, како што велат, во повеќе наврати им покажавме на хакерите дека имаме многу слаби точки.

– Државата мора да си ги заштити институциите и не смее да остава само на случајноста. Државата не смее да си дозволи да преговара со хакерите, бидејќи тие токму тоа го сакаат. Како ли оваа држава ќе ги заштити своите граѓани кои се жртви на компјутерски криминал ако не може таа самата да си ги заштити институциите од хакерите? Претерано е ова што ни се случува, секој втор ден е нападната некоја државна институција. Очигледно, безбедносниот систем ни е толку многу слаб, па дури и мали деца-хакерчиња започнаа да си играат со нас и се натпреваруваат меѓу себе кој повеќе македонски институции ќе хакира – објаснува Дејан Божиновски, експерт во ИТ секторот.

Тој ја советува државата да почне да инвестира во технологијата, а најмногу во човечки ресурси.

– Ако државата не умее сама да се одбрани, а ова звучи сосема нелогично, тогаш не е срамота да побара помош од приватните фирми чија примарна дејност е одбрана од хакерски напади. Ние во земјава имаме многу спремни дечки-хакери, кои можат за многу кратко време да соѕидаат виртуелен ѕид и максимално да ги заштитат државните институции од смешните напади – објаснува Божиновски.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП