3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЌе зажалат сите што го продале катализаторот од своето возило – се...

Ќе зажалат сите што го продале катализаторот од своето возило – се крчка ли ново правило за технички преглед?

Секое моторно возило коешто има фабрички вградено катализатор, кој служи за претворање на емисиите од моторот во безбедни гасови пред да бидат испуштени во воздухот, мора да го поседува уредот за време на техничкиот преглед при регистрација на возилото.

Дали ваквиот предлог, за кој веќе сериозно се размислува да се прифати во соседна Србија, може да стигне за брзо време и во Македонија, каде што, за воља на вистината, секој трет автомобил не поседува катализатор оти сопственикот на возилото го продал и заработил добри пари.

Ваквиот предлог требаше да стартува на 5 јули во Србија, но во последен момент беше одлучено да им се даде рок на возачите од две години за да го комплетираат издувниот систем.

Сепак, како што дознава Денар од добро упатени извори, откако поседувањето катализатор ќе стане задолжително во Србија, за прилично кратко време истото правило би можело да почне да важи и во Македонија.

-Возачите треба да сфатат дека никој нема да ги казнува доколку нивното возило не поседува катализатор, туку ќе ги казнува поради тоа што нивното возило го загадува воздухот повеќе од вообичаеното. Никој на улица нема да ве праша дали поседувате катализатор, туку веднаш ќе ви ги измерат издувните гасови на автомобилот и ќе ви соопштат дали ќе заработите казна или ќе ве пуштат. Засега е сѐ уште рано за да се размислува за воведување задолжително поседување катализатор при регистрација и технички преглед на возилото, но верувајте дека натаму се движат плановите – објаснуваат нашите извори.

Денар разговараше и со познат автомеханичар од Скопје, кој забележува дека катализаторот е многу важен уред за едно возило.

-Катализаторот не е рачка за отворање на прозорецот, па ако ви се расипе да имате можност да заглавите шрафцигер покрај стаклото. Катализаторот си има многу важна функција, а тоа е да спречи поголемо загадување на воздухот. Сега сите се научиле да ги вадат катализаторите и да ги продаваат, оти дознаа дека на тој начин ќе заработат некој денар. И јас слушнав дека се планира воведување задолжително поседување катализатор на возилото во Србија и во Македонија, па нека му ја мислат сега сите оние кои избрзаа и кои ги продадоа своите уреди – посочува автомеханичарот од скопската населба Влае.

Обично, еден катализатор да го продадете на црниот пазар во просек чини од 150 до 250 евра, во зависност од моделот на возилото.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП