4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМесо во чинијата само за богатите – останатите ќе глодаме коски

Месо во чинијата само за богатите – останатите ќе глодаме коски

Во последно време сѐ помалку луѓе чекаат ред во месарниците, а тоа е резултат на зголемената цена на месото, намалената понуда на пазарот, како и поради тоа што ваквата храна стана луксуз и ретко се сервира на просечните македонски трпези.

Ако во минатото месото се сметаше за неизоставен дел од секој ручек, сега прашање е дали домаќинството воопшто може да си дозволи парче месо барем еднаш или двапати во месецот.

Вработени во месарница во скопската населба Влае признаваат дека продажбата на месото е значително намалена, но и навиката на купувачите е промената.

-Ретко се случува да дојде муштерија и да купи неколку килограми месо. Едноставно, сменети се работите и сѐ повеќе муштерии купуваат месо во грамови. На пример, доаѓаат луѓе и бараат да им измерам 200 грама мелено месо, или, пак, бараат да купат половина стек, исечен на половина. Признаваме, скапотија е, ама не сме ние виновни. Не се ни муштериите виновни. Такво дојде времето. Пилешкото месо кое беше најевтино сега има иста цена со свинското. Што сакате повеќе од тоа? Еден килограм пилешки стек сега чини 350 денари, а свинската кртина чини 400 денари. Нема логика, нели? Јунешкото месо е двојно поскапо и еден килограм сега чини 700 денари – ни изјавија од месарницата, додавајќи дека продажбата на место во последните неколку месеци е намалена за 40 отсто.

Денар разговараше и со граѓани кои ги начекавме пред истата таа месарница.

-Има многу вкусни колбаси во оваа месарница, затоа дојдов да си купам. И евтини се. А сѐ друго е поскапено. Поскапено е пилешкото, свинското, а за телешкото да не зборувам. Порано беше друго време. Земав плата на први во месецот и купував месо за цел месец. Сопругата готвеше секој ден ручек и задолжително мораше да има месо на трпезата. А сега сме среќни ако каснеме колбаси – ни изјави 69-годишниот Методија од Скопје.

Познавачите на пазарот, пак, велат дека цените на месото и кај нас и во Европа ќе растат не само поради намалената понуда, како резултат на африканската свинска чума и птичјиот грип, туку и поради скапата сточна храна.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП