2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОхриѓани тријат раце и си ги полнат џебовите

Охриѓани тријат раце и си ги полнат џебовите

Охриѓани тријат раце, бидејќи нивниот Охрид ја бележи една од своите најдобри туристички сезони во изминатите неколку години.

Како што посочуваат туристичките работници, забележан е пораст на туризмот во Охрид за цели 20 проценти во однос на ланската сезона, а истовремено се зголемени и цените на сместувањето и на угостителските услуги.

Иако на туристичката сезона веќе ѝ се наѕира крајот насекаде во регионот, сепак, тоа не важи за Охрид, бидејќи сместувачките капацитети таму се резервирани сè до крајот на септември.

Хотелите се преполни, гости се најавуваат и во септември, а тешко се наоѓа слободна соба и во приватните сместувалишта.

Дури и да најдете, посочуваат туристичките работници, за собата ќе треба да одвоите прилично „солена“ сума, исто како да сте уплатиле во хотел со три или со четири ѕвездички.

Од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) брифираат дека последниот збор во Охрид главно ќе го имаат странските туристи.

– Врвот на сезоната е веќе постигнат, а гостите не се намалуваат. Чудно е, но за нас е позитивен знак. Хотелите се преполни, а допрва ќе доаѓаат странски туристи. Веќе имаме најавени гости во септември, па дури и за октомври. Како и да е, можеме со задоволство да кажеме дека годинава е рекордна кога станува збор за туризмот во Охрид – велат оттаму.

Сепак, домашните туристи отворено се жалат за високите цени на приватното сместување.

– Не можеме да најдеме апартман или студио во кое се нуди пристоен смештај, а да не сме принудени да си го продадеме бубрегот за да платиме ноќевање. Прашавме на многу места, но скоро секаде е преполно со гости и нема слободни соби. Онаму каде што е слободно е многу скапо. На пример, најдовме еден апартман во центарот на градот за кој ни побараа 40 евра од ноќ. Во Лагадин, на пример, се нуди студио за 25 евра за двајца и 50 евра за четворица. Слични се цените и во Пештани, каде што три ноќевања за двајца возрасни чинат 90 евра. Скапо е, ама немаме избор – изјави Радмила Дојчиновска од Скопје.

На социјалните мрежи граѓаните се жалат и на повисоките цени на угостителските услуги во Охрид.

„За разлика од лани, годинава е прилично скап престојот во Охрид. Освен сместувањето, цените на угостителските услуги се зголемени. Колку што си поблиску до езерото, толку поскапо плаќаш. На пример, едно најобично еспресо во центарот на градот чини 70 денари, но во ресторанчињата и во кафулињата на кејот на езерото еспресото чини 150 денари. Пивото достигнува цена и до 200 денари, чорбата чини околу 350 денари. Лежалките на плажите чинат 200 денари, а паркингот на познатите плажи надвор од Охрид чини 200 денари, освен паркингот на Свети Наум кој чини 50 денари за цел ден. Скапо е, со парите што ги потрошивме за три дена можевме да си дозволиме одмор во Грција за исто толку дена“, реагира извесен Марјан Крстевски на Фејсбук.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП