1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаботам ноќно време оти ми е мала пензијата – сè повеќе пензионери...

Работам ноќно време оти ми е мала пензијата – сè повеќе пензионери пакуваат лебови на црно

Ако случајно забележите дека дедо ви или баба ви не спијат во своите кревети во текот на ноќта, не кревајте паника. Постои голема веројатност да ги најдете во локалната пекарница како пакуваат лебови за да заработат некој денар.

Ваков е случајот со многу пензионери ширум земјава, кои ниската пензија ги принудува да работат трета смена и покрај тоа што луѓе на нивни години и во тоа време од ноќта треба да се дома на сигурно, да ги одмораат истрошените коски и да се чуваат од болести.

На социјалните мрежи дури се појавија и огласи од пекарници: „Бараме лица за пакување леб, може да се пријават и пензионери. Се работи од 10 часот навечер до 6 часот наутро. Плата: 15.000 денари“.

Денар успеа да разговара токму со еден таков пензионер кој работи во локалната пекарница во скопската населба Бутел.

-Јас сум пензионер од Скопје и имам 68 години. Откако се пензионирав не можев да живеам само со пензијата, па затоа почнав да работам ноќно време во една пекарница во мојата населба. Работа ми е да ги пакувам лебовите и другите пекарски производи. Работиме од 22 часот до 6 часот наредниот ден, шест дена во неделата. За тоа добивам околу 15.000 денари месечно, што е малку повеќе од половина од мојата пензија. Морам да признаам дека работата е напорна, често сум уморен и ненаспан, а имам проблеми и со варењето и со крвниот притисок. Свесен сум дека работам на црно, ама немам друго решение. Со тие пари што ги добивам од ноќната работа можам да си ги купам лековите – раскажува пензионерот кој од разбирливи причини сакаше да остане анонимен.

Тој вели дека многу му е жал поради тоа што младоста ја потрошил на чесно работење за да се мачи на старост.

-Секогаш сум бил чесен и трудољубив човек. Работев како инженер во една фабрика. Имав стаж цели 40 години и неколку пати бев наградуван за најдобар работник. Сега, кога треба да уживам во моите заслужени пензионерски години, јас се наоѓам во тешка финансиска и здравствена ситуација. Не ми останува друг избор освен да работам ноќно време во пекарница и да пакувам леб. Ова не е живот кој го заслужувам како пензионер – ни изјави нашиот соговорник.

Инаку, токму периодов се актуелни пензионерите кои преку организирани протести бараат покачување на своите пензии.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП