4 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЌе стигнат ли учебниците до 1 септември или децата пак ќе фрлаат...

Ќе стигнат ли учебниците до 1 септември или децата пак ќе фрлаат пари по фотокопирници?

Дали проблемите од старата учебна година со коишто се соочуваа учениците во Македонија ќе се наталожат и во новата? Ќе добијат ли свои учебници децата од трето и од шесто одделение? Ќе бидат ли принудени наставниците повторно да импровизираат со привремени материјали, со печатење текстови од Интернет?

Од Министерството за образование и наука (МОН) се сигурни во својот став: проблеми во септември нема да има, а учебниците ќе завршат во рацете на учениците до крајот на распустот.

Оттаму велат дека доцнењето на учебниците минатата учебна година се случило поради постапката за изработка и одобрување учебници, која е уредена со Законот за учебници во основното и средното образование.

-Едноставно, се случува да не се заокружи процесот пред почетокот на новата учебна година, или, пак, за предметот да нема доволно интерес за доставување ракописи од автори и потоа целиот процес мора да почне од почеток. Се случува и да бидат доставени ракописи, но рецензентските комисии да побараат корекции за кои авторите мора да постапат, а сето тоа ја пролонгира постапката и троши драгоцено време. Исто така, уште еден голем проблем претставува тоа што немаме доволно рецензенти кои даваат стручно мислење за ракописите. Како и да е, очекуваме оваа учебна година да започне без проблеми и сите ученици да ги добијат навреме своите учебници. Апелираме до учениците, родителите и до наставниците да бидат ослободени од грижите кои ги имаа во изминатите години во поглед на книги, наставни средства, услови за настава – брифираат од МОН.

Денар разговараше со одделенски наставник од основно училиште на територијата на Општина Карпош, па како што ни изјави, засега нема знаци за евентуални проблеми што би се појавиле заедно со почетокот на новата учебна година во септември.

-За разлика од лани, овојпат владее поинаква атмосфера и засега немаме најава дека повторно маки ќе мачиме со спроведување на наставната програма поради недостиг на учебници. А лани навистина се измачивме и ние наставниците, и учениците, но и родителите. Лекциите ги симнувавме од Интернет и ги печатевме, па децата беа принудени да учат од листови хартија наместо од нормални учебници. Како што ни соопшти директорот на училиштето, децата оваа година ќе ги добијат учебниците пред да започне учебната година – ни изјави просветниот работник.

Новата учебна година ќе започне на 1 септември, а ќе заврши на 17 јуни откако на владина седница, на предлог на МОН беше изгласана одлуката да има и пролетен распуст.

Пролетниот распуст ќе биде во период од 29 до 5 мај. Првото полугодие ќе заврши на 29 декември, а второто ќе почне на 22 јануари.

Со ова, ќе им се овозможи на учениците да имаат пролетен распуст по примерот на европските држави.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП