4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШто мислат пушачите за новото поскапување на цигарите?

Што мислат пушачите за новото поскапување на цигарите?

Нова лоша вест за пушачите: поскапуваат цигарите. Имено, Владата планира да ја зголеми акцизата од следната година, па цигарите и сите останати тутунски производи од 1 јануари ќе се зголемуваат од 2 до 5 денари, сè до 2030 година.

Пред пратениците во Собранието веќе пристигнаа измените во Законот за акцизи кои ќе се носат по скратена постапка, а тоа во превод значи дека секој 1 јануари во годината цената на цигарите ќе се зголемува за 0,23 денари по парче, додека пурите ќе поскапат за 4 денари.

Па така, ако една кутија цигари сега чини 100 денари, а во кутијата се спакувани 19 парчиња цигари, тогаш новата цена на истата таа кутија од наредната година ќе изнесува 105 денари.

Измените во Законот предвидуваат и воведување на растителен билен производ за пушење по пат на загревање, независно дали содржи или не одржи никотин, кој исто така ќе подлежи на акциза со цел ограничување на здравствените ризици поврзани со употребата на производот.

За ваквите законски измени Владата се повикува на европската регулатива која на ваков начин се бори да го дестимулира пушењето цигари. Освен тоа, зголемувањето на акцизата на цигарите ќе донесе и повеќе пари во државната каса, па според пресметките, наредната година Буџетот треба да биде потежок за околу 17 милиони евра.

Дел од граѓаните со коишто разговаравме, инаку страствени пушачи, воопшто не се задоволни од новата владина одлука за поскапување на цигарите.

-До каде ќе оди поскапувањето на цигарите? Секој ден давам по 105 денари за цигари. Ако толку сакаат да наликуваме на европските земји, тогаш нека ги направат и платите европски. Нека го направат стандардот европски, па и ние ќе почнеме да се однесуваме европски. Што мислите, пушам цигари затоа што ми е убав животот и затоа што немам што да им правам на парите? Напротив, пушам цигари на нервна база, затоа што не знам како да го поминам месецот со плата од 400 евра, не знам како да ги платам сметките, не знам како да му обезбедам иднина на своето дете – ни изјави Горица Бојкоска од Прилеп.

За поскапувањето на цигарите се разви дебата и на социјалната мрежа Фејсбук, па извесен Никола Стефановски има дијаметрално спротивно мислење од Бојкоска.

„Јас предлагам да се поскапат цигарите за 100 евра, па после да ги видам луѓето дали ќе пушат. Од една страна кукаме дека сме сиромашни и немаме за леб, а од друга страна не ги вадиме цигарите од уста. Лицемерно е. Во овој случај ѝ давам поддршка на Владата, нека ги поскапи цигарите“, напиша Стефановски.

Инаку, во изминативе 10 години, кутија цигари се зголемуваше по просечни 5 денари, поради редовното годишно зголемување на акцизата, давачка која ја воведе државата во 2013 година со цел да го дестимулира пушењето.

За тој период кутија цигари поскапе двојно. Во моментов кутија цигари чини минимум 105 денари. Последното зголемување беше на 1 јули годинава.

Македонија во моментов се наоѓа на 19-то место помеѓу 50-те светски лидери по производство на тутун, рангирани од Светската организација за храна и производство (ФАО).

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП