18 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПорано ја продавав, ама сега не давам ни грам – чичко Благоја...

Порано ја продавав, ама сега не давам ни грам – чичко Благоја е мајстор за печење ракија од сливи

Бакарниот казан за печење ракија веќе три децении му е најдобриот другар на 74-годишниот Благоја од Долненско и веќе цели 30 години, како што посочува самиот тој, во неговиот дом се пие врвна ракија.

Чичко Благоја нема свое лозје и затоа секоја година купува по 1.000 килограми грозје од кое прави совршено црвено вино, а ракијата, објаснува тој, ја прави исклучиво од сливи.

Вино и ракија правам секоја година. Обично во месец октомври купувам 1.000 килограми црвено грозје, најчесто го нарачувам од кавадаречкото село Сирково. Ми го носат до дома во вреќи, воопшто не се малтретирам. Многу сум посветен во оваа работа и ја правам со многу љубов. Грозд по грозд, зрно по зрно, правам строга селекција пред да ги истурам во бурињата. Потоа ги гмечам и ги вадам гранчињата, но и ситните семчиња што се наоѓаат во зрната. На тој начин виното е уште послатко – раскажува нашиот соговорник.

Во однос на ракијата, чичко Благоја вели дека селото во коешто живее е пусто село во кое се активни едвај 10-тина домаќинства, а токму ова село, додава тој, е познато по тоа што има многу сливи кои секоја година даваат голем род.

-Имаме сливи на претек. Само јас имам околу 15 сливчиња во дворот и во овоштарникот, а мои роднини и пријатели кои одамна се отселени од селото ми ги даваат и нивните сливи да ги берам. Што да ви кажам – убавина. Ниедно сливче не е прскано ниту еднаш откако е насадено, а сливите се 100 проценти органски. Не да се фалам, ама сезонски сигурно берам околу 100 сливчиња, а тоа, верувајте ми, е многу плод. Постилам најлон под дрвото, почнувам да ги тресам гранките, да ги удирам со стап, па плодовите сами паѓаат. Потоа ги собирам најлоните, ги полнам вреќите со сливи и со помош на магарето ги носам во шупата каде што се подготвувам за печење ракија. Според мене не постои подобар алкохолен пијалак од сливовица-препеченица. Обавезно ја препекувам ракијата и ја запечатувам на 52 степени – објаснува чичко Благоја.

Тој вели дека на почетокот продавал ракија и добро му одело, но во последниве неколку години се откажал од бизнисот, оти, како што вели, оваа „магична течност“ ќе му биде потребна на старост.

-Сите во околината знаат каква ракија правам, па порано имав многу нарачки. Немаше ден без да продадам неколку литри ракија. Купуваа и соседите од моето село, а и многу други луѓе од околните села кои не ги ни познавам. Едно литро сливова ракија го продавав за 250 денари, а се случуваше да ми дојдат муштерии со цели туби и мали пластични буренца. Добра пара се вртеше, мора да признаам, ама подоцна сфатив дека стареам и дека не смеам да ги трошам, односно да ги продавам залихите. За два месеца ќе наполнам 75 години, па не знам уште колку долго ќе можам да ги берам сливите и да ја печам ракијата. Затоа, бизнисот го ставив на мирување и сега сум посветен само на надополнување на залихите – објаснува мајсторот за печење ракија.

Тој посочува дека единствена заработка има од изнајмување на казанот за ракија.

-Ми го бараат соседите за да печат и тие ракија, па списокот е исполнет уште во септември. Тие што печат ракија обично му даваат едно литро ракија за секој испечен казан на сопственикот на казанот, но поради тоа што јас имам доволно ракија, договорени сме да ми плаќаат 200 денари од казан. Ако едно домаќинство испече 5 казани, јас добивам 1.000 денари. Тоа не се многу пари, ама се вади некој денар, колку за да набавам зимница за магарето – вели низ шега чичко Благоја.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП