2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАМистериозна античка населба пронајдена на дното на Охридското Езеро

Мистериозна античка населба пронајдена на дното на Охридското Езеро

Научниците открија потоната населба под тиркизните води на „Бисерот на Балканот“, односно Охридското Езеро, кое би можело да припаѓа на една од најраните седечки заедници во Европа. Меѓутоа, се појави мистерија – жителите на таа населба се заштитиле со „тврдина“ од одбранбени шилци, а на археолозите се уште не им е јасно зошто.

Населба со куќи на потпорници се наоѓала на дел од албанскиот брег на езерото пред 8.000 години, а археолозите веруваат дека тоа е најстарото село пронајдено досега на брегот на езеро во Европа. „Оваа населба е неколку стотици години постара од досега познатите езерски населби во медитеранските и алпските региони. Според нашите сознанија, таа е најстара во Европа“, изјави за AFP археологот Алберт Хафнер од швајцарскиот универзитет во Берн.

„За да се заштитат вака, мораа да ја исечат шумата“

Хафнер и неговиот тим од швајцарски и албански археолози ги поминаа последните четири години ископувајќи во Лин на албанската страна на Охридското Езеро, кое се протега преку планинската граница меѓу Северна Македонија и Албанија. Тие веруваат дека во античката населба живееле меѓу 200 и 500 луѓе и дека граделе куќи на потпорници над површината на самото езеро или во области кои редовно се поплавуваат.

За време на неодамнешното нуркање, експертите открија докази кои укажуваат дека населбата била зајакната со илјадници шилести трупци кои се користеле како одбранбена барикада. „За да се заштитат вака, морале да ја исечат шумата“, рече Хафнер.

100.000 одбранбени шила

Имено, приближно 100.000 вакви шилци се пронајдени на местото на дното на езерото. Зошто древните селани изградиле толку обемна одбранбена структура? Археолозите сè уште не го знаат одговорот на ова прашање.

Охридското Езеро е едно од најстарите езера во светот и постои повеќе од милион години. Античките жители на областа веројатно се занимавале со земјоделство и сточарство. „Најдовме различни семиња, растенија и коски од диви и домашни животни“, изјави албанскиот археолог Илир Ѓепали.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП