2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛазиме по една лента наместо по автопат, а патарините „зинале“ за пари

Лазиме по една лента наместо по автопат, а патарините „зинале“ за пари

Иако насекаде во светот важи правилото да не се наплаќаат патарини за возилата ако во моментот се врши реконструкција и рехабилитација макар и на најмал дел од коловозот, очигледно, ваквото правило не важи во Македонија.

Овде, веќе неколку години по ред, возачите плаќаат целосна сума за патарина иако поголемиот дел од возењето не се одвива по автопат, туку по една лента која скоро секогаш е преполна со возила и по која не е возможно да се вози со брзина поголема од 60 километри на час.

Таков е примерот со делницата Петровец-Катланово, која веќе 4-5 години е во изработка, иако таму не можете да забележите ниту еден градежен работник. Слична е состојбата и со делницата Демир Капија-Неготино на автопатот „Пријателство“ која во моментов се поправа, а најверојатно таа поправка ќе потрае уште неколку години.

Возачите, особено странските туристи кои транзитираат низ земјава, со право се лутат поради тоа што плаќаат за услуга што не ја добиваат, односно плаќаат патарина, а не возат по автопат.

На излез од главниот град кон Велес, веќе од Петровец до Катланово се вози по една лента.

-Проблемот е во тоа што поправката на оваа делница трае премногу долго, приморани сме да возиме со едвај 60 километри на час, гужва е, а патарината ја плаќаме на полна цена. Која е логиката да плаќам за услуга којашто не ја добивам? Патарина се плаќа затоа што ви се овозможува да возите на автопат, да можете да се опуштите и да возите со 120 километри на час, но и затоа што на патот нема да има препреки или претрчувања на диви животни. Тоа го гарантира јавното претпријатие кое стопанисува со патарините. А што добиваме ние? – вели револтираниот Кристијан Петковиќ од Куманово.

Надлежните, пак, а тоа е Јавното претпријатие за државни патишта се правдаат со немаштија и сиромаштија, па дел од раководителите оттаму за Денар брифираат дека стратегијата на претпријатието е токму приходот што се остварува од патарините да се користи за реконструкција и рехабилитација на патиштата.

-Немаме друго решение освен да наплаќаме за патарини, бидејќи само оттаму можеме доволно да заработиме за да можеме да вложиме во одржувањето на патната инфраструктура. Немаме можност за пренасочување на возилата од автопат по некој стар пат, па затоа одлучивме дека најбезболно е сообраќајот на неколку точки да се одвива двонасочно и да има соодветна сигнализација. Точно е дека многу возачи им се жалат и се расправаат со вработените на патарините, а некои дури и не сакаат да платат за услугата, но сакаме да ги замолиме граѓаните на трпеливост и на внимателност во сообраќајот следејќи ги сообраќајните знаци – брифираат од претпријатието.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП