7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако е можно во земјата на пиперките да се продаваат пиперки за...

Како е можно во земјата на пиперките да се продаваат пиперки за 170 денари?

Еден килограм пиперки на скопските пазари чини од 130 до 170 денари, додека, пак, еден килограм домати чини од 60 до 80 денари. Килограм ајварка достигна цена од 100 денари, зелените салати држат цена од 40 денари, гравот се продава за 250 денари…

Овие августовски цени на основните земјоделски производи кои се препознатливи македонски продукти од домашно производство буквално ги шокираа граѓаните.

Денар направи мала обиколка низ неколку скопски пазари и успеавме да ги дознаеме повеќето цени на производите што им се нудат на граѓаните.

На пример, свежите печурки шампињони чинат 250 денари, тиквичките и модриот домат се продаваат по 30 денари за парче, бамјите чинат 300 денари, краставицата се продава од 80 до 120 денари, килограм кромид изнесува 50 денари.

Во поглед на овошјето, килограм лубеница изнесува 30 денари, дињата се продава за шокантни 100 денари за килограм, бананите се продаваат за 60 денари за килограм.

Скопјани велат дека е крајно безобразно во Македонија, земјата на пиперките и на доматите, да се продаваат пиперки за 170 денари, небаре сме Кенија или Зимбабве.

-Срамота е ова што го прават пазарџиите. Цените на зеленчукот и на овошјето се вивнаа до плафон. На една тезга прашувам колку чини пиперката, а пазарџијата ми вели 170 денари. Не бев сигурна дали добро го слушнав, па повторно го запрашав. Но, цената беше таа. Замислете, плаќаме 170 денари за да купиме пиперки во Македонија, во земјата на пиперките. Па јас мислам дека на пазарите во Кенија или во Зимбабве се поевтини пиперките, иако се увезени од нашите краишта. Ајварката чини 100 денари, па јас само се прашувам како ли ќе правиме ајвар? Некој како да сака намерно да го одврати народот од намерата да си зготви домашен ајвар, па ги пумпаат цените на пиперките само за да да му биде поисплатливо да си купи од готовиот ајвар во продавница. Не знам што да мислам повеќе – ни изјави пензионерката Магдалена која ја сретнавме на пазарот во Ѓорче Петров.

Пазарџиите се правдаат дека цените на производите се високи поради тоа што тие самите имаат високи трошоци.

-Плаќаме кирија за тезгата на пазарот, плаќаме за транспорт на производите, а оние кои имаат сопствени товарни возила плаќаат за гориво. Понекогаш плаќаме и дневници на вработени, а треба да остане некоја паричка и за нас. Треба да се знае дека и самите произведувачи започнаа да ги нудат своите производи по повисока цена од ланската. Јас обично одам кај произведувачите и директно ја купувам робата од нив без никаков препродавач. Но, понекогаш сум принуден да набавам роба од кванташки пазар, а тогаш цената е повисока оти и самите продавачи имаат свои давачки за да ја купат робата и да ја донесат во Скопје – објаснува пазарџијата.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП