Сѐ уште е рано да се навестува дека ќе ја дочекаме Новата година со инфлација пониска од 10 проценти, бидејќи нѐ очекува период на најавени високи цени на електричната енергија, на горивото, но и на храната.
Ваква е оценката на економските експерти со коишто разговараше Денар откако властите започнаа активно да се фалат со мерките за намалување на инфлацијата.
-Воопшто не е дојдено време за фалби, бидејќи граѓаните сѐ потешко се справуваат со порастот на цените, кој дополнително треба да се зголеми во следниот период. Пред нас е есента и зимата, започнува новата училишна година, се прават зимници, се купуваат дрва или пелети за огрев, а токму во тој период нѐ очекува и раст на цените на гасот и на струјата. Според очекувањата, ќе има поскапување и на горивата, а со самото тоа ќе скокнат цените и на храната. Затоа, ги советувам властите да не се радуваат предвреме, бидејќи страшното тек треба да дојде. Многу тешко и неверојатно е да ја завршиме годината со инфлација пониска од 10 проценти – коментираат економистите.
Тие предлагаат државата навреме да ги активира мерките со коишто ќе им се помогне на граѓаните, но и на компаниите.
-Секако дека потребни се нови мерки, а најдобро би било тие да се воведат уште пред да се случи наглото поскапување на производите и на енергенсите. Ние како држава не треба да измислуваме топла вода, туку доволно е само да го повторуваме тоа што го прават поразвиените земји во Европа кога станува збор за снабдување со енергенси, со купување фјучерси, а со цел да се задржат пониски цени. Секако, не може да се направи споредба помеѓу состојбата лани и состојбата оваа година, па затоа и не се очекува драстичен раст на цените на енергенсите, но поскапување секако дека ќе има – објаснуваат експертите.
Инаку, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на Фејсбук напиша дека Владата максимално и посветено работи со сите расположливи мерки за да ја сведе инфлацијата на минимум до крајот на оваа календарска година.
Главната цел на овие напори, додава Битиќи, е да се заштити стандардот на граѓаните.
Тој предвидува просечната инфлација за 2023 година да изнесува 8,9 проценти.
Минатата недела, пак, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека за да се оствари целта веќе се подготвуваат мерки од страна на Владата, заедно со бизнис-секторот и со Организацијата на потрошувачите.
Б.З.М.