1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПразната ливада во зоната во Тетово за опозицијата е криминал, но власта...

Празната ливада во зоната во Тетово за опозицијата е криминал, но власта вели дека фабрика за електрични автомобили ќе има

Познатата народна изрека „Една слика илјада зборови“ повторно се потврди дека навистина тоа може да биде така.

Откако на социјалните мрежи вирално почна да се шири фотографија од плацот каде требаше досега да се изгради фабрика во индустриската зона во Тетово и во неа да се произведуваат електрични автомобили не само што ја потсети јавноста дека од тоа нема ништо, туку таа беше и нова причина за уште една дневно политичка преписка помеѓу опозицијата и власта. Граѓаните саркастично прашаваат кога ќе возат автомобили на струја, опозицијата прашува каде завршија 43 милиони евра државна помош која ја доби странската компанија. Од ТИРЗ велат дека парите кои треба да ги добие компанијата не се исплатени бидејќи фабриката не е почната да работи. Проект има и набрзо ќе се изгради фабриката.

По една година од официјалната најава дека странска компанија ќе гради фабрика за производство на елетрични автомобили во индустриската зона во Тетово засега нема ништо. Опозицијата обвинува дека владата лани организираше скапа манифестација за отпочнување на градба на фабрика за електрични автомобили, а веќе годинава требаше да се возат првите возила на струја. Во најавата стоеше дека ќе се отворат 890 добро платени работни места. Од ВМРО -ДПМНЕ велат дека по цела година наместо фабрика има ливада која не е ни искосена.

„Каде е фабриката за електрични автомобили која доби и државна помош во износ од 43 милиони евра? Ако фабриката ја нема, каде завршија околу 43 милиони евра од државната помош? Колку чинеше прославата за лагата почеток на градба, дали и за тоа пари зема омилената Арберија? Ќе признаат ли ДУИ и СДС дека фабрика за автомобили е уште една лага поврзана со ДУИ и фирми спонзори на ДУИ? Ќе признаат ли ДУИ и СДС дека фабрика за автомобили нема да има? Дали државата ќе го раскине договорот со фирмата блиска на ДУИ? И секако, како по цела година празна нива наместо фабрика, Дестани од владата доби концесии за рудникот Иловица? Прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Власта пак вели дека  државните пари за проектот за електрично возило сеуште се во  Буџетот на државата. Причината за тоа како што објаснуваат е дека ТИРЗ  работел чесно и без манипулации.

 „Од самиот почеток на овој проект, јасно рековме дека средства за проектот ќе има, но откако инвеститорот ќе ги реализира сопствените обврски предвидени со договорот. Тоа останува услов до крај. Второ и повторно директно ќе одговорам дека денес, во овој момент, сеуште нема фабрика. Но, има проект, има конзорциум на домашни компании кои се избрани од инвеститорот да го реаизираат градежниот дел, има договор за закуп на земјиште, има подготовка за градба на клучна инфраструктура кон зоната“, велат од ТИРЗ.

Привлекувањето на странски инвестиции и моделите на субвениционирање на бизнисмените со странски капитал се едни од најжестоките теми на кои меѓусебно се обвинуваат власта и опозицијата, без разлика која партија каде се наоѓа во моментот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП