Претседателот Стево Пендаровски смета дека знамето веено во Тетово со иконографија на т.н. „голема Албанија“ е разгорување на етничка омраза. Тој посочува дека треба да има казни и за организаторите на собирите во Тетово и Чаир, каде градоначалници се Билал Касами и Висар Ганиу.
„Истакнувањето на провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор како и концептот на Македонија како мултиетничка држава. Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки“, вели Пендаровски.

