6 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЦело Скопје замина на колективен одмор – нема каде да седнеш на...

Цело Скопје замина на колективен одмор – нема каде да седнеш на ручек

„Заминавме на годишен одмор, ќе се вратиме кога ќе се одмораме“. Вакви пораки испишани на бел лист и залепени на влезната врата на локалните дуќани гледаме сè почесто во месец август.

Ова само докажува дека Скопје е навистина половина празно, а и дека занаетчиите како договорени во ист период заминуваат на езеро или на море за да се одморат и да го искористат августовското сонце.

Екипата на Денар направи обиколка низ неколку скопски населби и тоа што го забележавме е дека многу локални кафеани се затворени поради колективен одмор, а истото се случува и со месарниците, слаткарниците, фризерниците, цвеќарниците, па дури и стоматолошките ординации.

„ПОРАДИ ЗАМИНУВАЊЕ НА КОЛЕКТИВЕН ОДМОР – Нарачки за торти примаме до 29 јули, а последниот рок за подигнување на тортите е 31 јули“. Оваа порака беше залепена на влезната врата на позната слаткарница во населбата Влае.

Сличен текст прочитавме и на влезната врата на локалната кафеана во Капиштец:

„Не работиме до 15 август, заминуваме на одмор“.

Прилично смешна порака имаше залепено и на излогот на една фотокопирница во Ѓорче Петров, а која гласеше:

„Во моментов вие го читате ова што сме го напишале, а ние сме на плажа и пиеме коктели. Се гледаме на 10 август“.

Ваквото „непишано правило“ веќе неколку години стана пракса за малите бизниси во главниот град, бидејќи сопствениците станаа свесни дека првата половина од осмиот месец во годината е „мртов“ период, градот е празен и тогаш заработувачката е најмала.

Имавме можност да начекаме цвеќарница во Карпош чија сопственичка баш дента го отвораше дуќанот по двонеделен одмор.

-Ме начекавте баш на отворање, па малку сум во хаос. Само што се вратив од одмор, еве, известувањето од вратата сè уште не сум го одлепила. Инаку, секоја година затворам во втората половина на јули и се враќам на работа по празникот Илинден. Тогаш е најмртов период, сите се отидени по одмори и слабо има работа. А баш тогаш е жешко, климатизерот мора постојано да биде вклучен и тоа значи дополнителен трошок. Плус, и ние сме луѓе и ние заслужуваме одмор – ни изјави Силвана, сопственичка на цвеќарницата.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП