5 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАСи биле еден пожар во Грција и еден македонски турист – кој...

Си биле еден пожар во Грција и еден македонски турист – кој победил?

Пожарите што летово ја зафатија соседна Грција воопшто не ги предомисли македонските туристи во намерата летниот одмор да го поминат на грчките песочни плажи.

Дури и големиот пожар на островот Крф кој избувна на ридот помеѓу Ипсос и Касиопи, како и пожарот кој беснееше на нетуристичкиот дел на Евија, но и на Халкидики, воопшто не предизвикале намалување на уплатата и реализацијата на аранжманите, коментираат туристичките работници.

-Стотици македонски граѓани се заминати на одмор на островот Крф, но нивната безбедност не е загрозена, бидејќи се сместени на сосема другиот крај на островот. И кога беснееја пожарите ние бевме во постојан контакт со нашите туристи, а и сега новите клиенти кои допрва треба да отпатуваат таму ги советуваме да не се плашат. Искрено да ви кажам, имаше неколку семејства со мали деца кои размислуваа дали да го откажат аранжманот за некој подобар период, но сепак на крајот одлучија храбро да заминат на летување – раскажува туристички водич од позната скопска туристичка агенција, а кој секое лето го минува со македонските туристи на Крф.

Денар разговараше со нашинци кои штотуку се вратија од своето летно патување во Ситонија на Халкидики, каде што исто така избувна пожар.

Како што раскажуваат, иако постоеле препораки порано да ги напуштат апартманите во случај да се разлоши состојбата со пожарот, сепак тие одлучиле да останат до самиот крај.

-На телефоните ни пристигна порака на грчки и на англиски јазик во која се вели дека е издадено предупредување поради пожар. Веднаш се почувствува паниката кај туристите, бидејќи во претходните денови се изнаслушавме и се изначитавме за пожарите на Крф и на Евија. Сепак, пожарот кај нас избил помеѓу популарните летувалишта Метаморфозис и Никити, а како што разбравме, горела сува трева и не било премногу страшно. Сепак, Грците со право дуваат на јогурт, бидејќи неколкупати досега се изгореа на млекото. Добивме препорака да ги напуштиме апартманите и порано да се вратиме дома, но едногласно одлучивме да останеме до крај и не погрешивме. Живи сме, здрави сме и си поминавме супер одмор за паметење – ни изјави 23-годишниот Виктор Поповски, кој на летување бил со својата девојка и со пријатели.

Од македонското Министерство за надворешни работи сѐ уште апелираат да се избегнува туристичко или било какво друго патување во загрозените подрачја во Грција.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП