3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако реагираат пензионерите на зголемувањето на пензиите за 6 отсто?

Како реагираат пензионерите на зголемувањето на пензиите за 6 отсто?

Ние пензионерите треба да бидеме среќни поради тоа што пензијата ни ја покачуваат за 6 отсто оние кои претходно сами си ја покачија својата плата за дури 78 отсто. Извинете, ама ова е безобразно, некултурно, па дури и вулгарно.

Вака пензионерката Милица Колевска од скопската населба Аеродром ја коментира одлуката на Владата да им ја зголеми пензијата на пензионерите за скромни 6 проценти.

Ваквото покачување на пензиите во пракса би значело дека оние пензионери кои во моментов добиваат пензија од 15.000 денари, веќе од септември ќе добиваат 900 денари повеќе, односно новата пензија ќе им изнесува 15.900 денари.

Очигледно најмногу ќе се „офајдат“ оние 47 пензионери во земјава кои добиваат пензија од 60.000 денари, бидејќи нивното покачување ќе изнесува околу 3.600 денари.

-Мојата пензија изнесува 14.000 денари и таа не ми е доволна за да ги подмирам месечните трошоци за сметки и за да купам храна, а да не зборувам за лековите или за потребата да им подарам чоколадо на внучињата. Сега, новото септемвриско покачување на пензиите ќе ми донесе дополнителни 800 денари, а што можам да направам со 800 денари? Проблемот е во тоа што богатиот не му верува на сиромашниот, а на овој начин политичарите се убедени дека ни направиле некаква услуга, а всушност не ни помогнале за ништо. Да ги видам нив да преживеат со 14.000 денари во месецот. Но, лукави се тие, затоа си ги покачија платите за 78 отсто. Срамота. Тешко на народот – ни изјави 77-годишната Колевска.

И пензионерот Миле Соколевски од Кисела Вода смета дека покачувањето на пензиите за 6 отсто е „мачкање очи“ пред избори.

-Ни се ближат парламентарните избори, па време е за вакви смешни популистички мерки. Знаете ли што значи покачување на пензиите за 6 отсто? Не значи буквално ништо. Мојата пензија изнесува 20.000 денари, а со покачувањето ќе добијам дополнителни 1.200 денари. А што правиме со храната која е поскапена за 100 отсто? Што правиме со енормното покачување на струјата, парното, горивата, дрвата? Пред нас е тешка зима – коментира пензионерот.

Инаку, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на својот Фејсбук профил објави дека Владата се грижи за пензионерите во континуитет, а за септември најави дека пензиите ќе бидат зголемени според проекциите за  околу 6 отсто.

Таа потсети дека пензиите во март годинава веќе се усогласиле со растот на животните трошоци и пораснале за 8,4 отсто.

„Во континуитет работиме на обезбедувањето на достоен живот за нашите највозрасни сограѓани. Обезбедивме постојан раст на пензиите. Согласно претходната методологија, пензиите во јануари 2022 година пораснаа за 2,9 отсто. Со новата методологија пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Во септември лани растот беше 6,8 отсто. Годинава во март имаше зголемување за 8,4 отсто, а во септември 2023 година околу 6 отсто е проекција“, напиша министерката Тренчевска.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП