Во текот на првата половина од 2023 година, опкружувањето во кое работеше Друштвото сеуште беше нарушено и тоа во најголем дел поради воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, кој има силно влијание на цените на енергенсите на светските берзи. Цените на енергенсите на светските берзи во текот на полугодието делумно се стабилизираа, односно се намалуваа, а се со тенденција на достигнување на предвоените нивоа. Намалувањето на цените на енергенсите, позитивно влијаеше на увезената инфлација, која постепено се намалува, иако не со посакуваниот интензитет. Дополнително, со цел намалување и контрола на домашната инфлација која на крајот на 2022 година беше двоцифрена, Народната Банка на Република Северна Македонија, во текот на првите шест месеци од 2023 година презема монетарни мерки и во повеќе наврати ги зголеми референтните каматни стапки.
Продолжувањето на воениот конфликт, намалувањето на цените на енергенсите, монетарните мерки и високата инфлација, неминовно влијаеа и врз работењето на „Макпетрол“ АД. Но, како резултат на посветеноста и ангажираноста на Раководството, во текот на првата половина од 2023 година Друштвото обезбеди непрекинато снабдување со нафтени деривати и природен гас, иако се справуваше со локална и светска неизвесност.

